Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) го суспендираше Рускиот сојуз на новинари поради неговите активности по руската инвазија на Украина и неговатаулога во анектираните украински територии, јавува Асошиејтед прес.
ИФЈ, која застапува повеќе од 600.000 медиумски работници ширум светот, соопшти дека членството на рускиот сојуз бил суспендиран по истрага, а потоа и гласање на глобалниот извршен комитет.
Гласањето беше одржано откако сојузот одби да ја преиспита својата одлука за основање филијали во четири региони анектирани од Русија, соопшти федерацијата.
„Активностите на Рускиот сојуз на новинари во основањето на четири ограноци во анектираните украински територии очигледно ја разбија солидарноста и посеаја поделби меѓу сестринските синдикати“, рече претседателката на ИФЈ, Доминик Прадалие.
Кремљ во септември нелегално ги анектираше регионите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје, каде што тврди дека неговото владеење е добредојдено. Промосковските сепаратисти контролираат дел од Доњецк и соседната провинција Луганск од 2014 година.
ИФЈ соопшти дека ќе продолжи да ги поддржува независните новинари во и надвор од Русија додека обезбедува помош за нејзините украински филијали.
Според федерацијата, Украина била најсмртоносната земја за новинарите во 2022 година, каде биле убиени 12 медиумски работници додека ја вршеле својата работа.