Меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ во копродукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ од Скопје, а во која учествува Доротеј Нешовски и е кокурирана од Ивана Васева, се отвора денес во 17 часот во галеријата Лајхтерув дум во Прага, Чешка.
Станува збор за изложба во која учествуваат десетина уметници од Република Чешка, Словачка и земјите од поранешна Југославија, а која беше отворена минатата година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица во рамки на фестивалот АКТО 19. Во изложбата учествуваат Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс а е кокурирана и копродуцирана заедно со кураторскиот колектив на здружението „Јиндрих Халупецки“ од Прага.
Како што објаснуваат од ФРУ, во рамки на отворањето ќе биде промовирана и публикацијата „Прекарно за почетници. Уметноста, работата и како да се делува за подобри услови“, коуредена од Виолета Качакова и Ивана Васева.
„Публикацијата ги разгледува работничките права на независните уметници и културните работници, како и напорите за подобрување на нивните услови. Ги истражува овие прашања во поширок контекст на културните политики на земјата, кои ги обликуваат севкупните работни услови во вонинституционалниот културен сектор“, велат од ФРУ.
Проектот „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ црпи инспирација од текстот „Сета моќ за работничките совети” на чешкиот теоретичар на уметност Јиндрих Халупецки, објавен 1969 година. „Нема време за работа. Нема време одлободено од работа“ се фокусира на темата на уметничката работа и условите во истата, и ги зема во обзир специфичните улоги кои современата уметност и културата можат да ги играат во пошироките општествени и политички контексти на своето време.
„Една од амбициите на проектот е да придонесе во меѓународните дискусии за Статусот на уметникот и можноста да се претстави универзален основен приход (не само) за културни работници. Тој исто така обезбедува и своевидна компаративна анализа и ги мапира потеклото и моменталната состојба на Стаусот на уметникот, пракса востановена во пост- југословенскиот регион, со различни привилегии, и новата иницијатива во Чешката Република на таа тема. Иако начинот на размислување произлегува од минатото, тој првенствено е засегнат со иднината на уметноста и уметничката работа, потенцијалот на уметноста да учествува во промената на социо- политичките системи и да може да си замисли подобри егзистенционални услови“, соопштуваат од ФРУ.