Утре, (18 август), во 19 часот, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, како завршен настан на годинешната меѓународна уметничка колонија на „Арт поинт Гумно“ ќе биде отворена ретроспективната изложба на документарни фотографии изработени од претставниците Либеречката школа за фотографија (LŠF) од Чешка.
Годинава, во фокусот на деветмината чешки фотографи е македонското село Слоештица во Демир Хисар каде се одржуваше колонијата со наслов „Убавина уловена пред да исчезне“.
„Групата што гостува во Слоештица во периодот од 8 до 20 август, крстосува низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажува приказната за неисцрпното природно и културно богатство што, за жал, исчезнува“, велат од „Арт поинт Гумно“
Во просторот на прилепската библиотека, публиката ќе има можност да види 17 фотографии на коишто е отсликано секојдневието на демирхисарските села. На изложбата ќе биде изложено и едно платно: „Фотографот од Либерец“ кое го наслика Сергеј Андреевски во чест на фотографите од Либерец.
Поставката што се реализира во соработка со библиотеката „Борка Талески“, Прилеп и ќе биде отворена до 31 ви август.
Годинава, чешката фотографска бригада, како што информираат организаторите, работи на неколку теми.
„Професорот Шимон Пикоус ја илустрира „Земјата на медот“, професорката Јана Хунтерова портретира стари жени коишто осамени ги палат огништата на дрвените шпорети, а воедно ни ги открива тајните скриени во старите распаднати куќи-музеи; студентите, на гобленот ќе довезат приказни за тутунот и тутунарите; за веленцата и валајците; за ќумурот и ќумурџиите, за козите и нивните стопани; за најмалата библиотека со огромен фонд на книги; за ергените што копнеат за топла, семејна прегратка; за оригиналните ликови што станале бренд на селото и на регионот, како и за храбрите демирхисарски пожарникари коишто, иако, како и сите пожарникари кај нас, се ставени на маргините на општеството, работат со ентузијазам, како да се поставени на пиедестал“, велат оттаму.
„Арт поинт Гумно“ во следниот период планира одделни промоции на секоја од овие фото-стории.
Ова е трета соработка меѓу „Арт поинт Гумно“ и Либеречката школа за фотографија од Чешка. Професорите и одбрани студенти од оваа школа, до сега, во два наврати реализираа престој во креативниот центар во Слоештица. Во 2018 година, 9 фотографи работеа на илустрација на песната „Можев да ти бидам“ (Пофалба на Демир Хисар) од Петре М. Андреевски, и во 2021 година, петмина претставници на школата работеа на тема „Везилка“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески.