По повод одбележувањето на 2 јуни – Меѓународниот ден на сексуалните работници, денеска (2 јуни) од 11 часот има онлајн промоција на видео: „Зошто Скопје повторно заслужува црвени фенери?“ и подкаст „На доручек со MISS STRAWBERRY (МДМФ).
Онлајн прикажувањето ќе биде преку Фејсбук-страниците на СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и ТрансФормА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица.
Како што велат организаторите, видеото ги прикажува придобивките и позитивните страни на сексуалната работа за сексуалните работници и ја истакнува потребата од прифаќање на доброволната сексуална работа во општеството отсликано преку шармот на црвените фенери и танцот на сексуалните работници.
„Во минатото, во старо Скопје, постоеле улици со црвени фенери, кадешто работеле ‘дамите на ноќта’. Доказ за тоа е објектот Фенерли-ан кој и денес постои во старата скопска чаршија. Улицата на црвените фенери претставува симбол на слободниот и толерантен став кон најстарата професија на светот. Да се потсетиме на изминатите уметнички перформанси на сексуалните работници од Skopje Red Light District! Да го вратиме духот на црвените фенери во Скопје“, се вели во најавата.
Во рамки на овогодинешната онлајн кампања ќе биде објавен и подкаст со Miss Strawberry, која ќе зборува со Дина, која повеќе од 40 години работи на отворената сцена во Скопје.
„Кампањата има за цел да ја намали негативната јавна перцепција за сексуалните работници и да ја подигне свеста кај општата популација за препознавање на сексуалната работа како труд и занимање“, стои во најавата.