Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ во понеделник со почеток во 12:00 часот во Првиот семеен центар на Град Скопје ќе одржат прес конференција за одбележување на 25 Ноември – „Меѓународен ден за борба против насилство врз жените“.
Свое обраќање на прес конференцијата ќе имаат: Весна Матевска, програмски координатор на ХЕРА, Елена Димушевска, Претседателка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Сафка Тодоровска, Претседателка на Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ.
Од ХЕРА соопштуваат дека целта на прес конференцијата е преку претставување на фактичката состојба во Македонија во однос на постоењето на проблемот на насилството врз жените и домашното насилство, како и обврските кои ги има превземено државата со потпишувањето на меѓународните документи, особено со потпишувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство да се повикаат институциите да одговорат на предизвиците со кои државата се соочува.
Воедно, на конференцијата ќе бидат претставени активностите во рамки на кампањата ПОТПИШУВАМ – водена од Националниот совет за родова рамноправност спроведена во рамки на проектот „ Со заеднички напори – Кон нови европски стандарди во заштита на жените од родово базирано насилство“ финансиран од Европската Унија, како и активностите за одбележување на 16 дена активизам за насилство против жените спроведени од ХЕРА со поддршка на Американската амбасада во Скопје.