Меѓународната федерација на новинарите и Европската федерација на новинарите го осудија апсењето на Томислав Кежаровски, новинар во весникот „Нова Македонија“ кој од 28 мај е во притвор.
„ Го осудуваме начинот на кој што беше уапсен Кежаровски како и самото апсење кое е во спротивност со неговото право како новинар да обезбеди информации од јавен интерес“ изјави претседателот на МФН, Џим Боумела .
Според членките на МФН од Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите ССНМ и Здружението на новинарите ЗНМ, Кежаровски е уапсен и во притвор за сторија објавена во 2008 година. Тој е обвинет дека го открил идентитетот на заштитен сведок, кој подоцна изјави дека дал лажна изјава како резултат на притисок од страна на полицијата.
Од Кежаровски е побарано да го открие изворот врз основа на кој го напишал текстот, но тој одбива тоа да го стори. „Ова е грубо кршење на правото на новинарот да го заштити својот извор, што е гарантирано и со домашното законодавство (член 16 од Уставот на Република Македонија) како и со европските закони за слобода на изразувањето“ изјави Могенс Ближе Бјергард, претседател на Европската федерација на новинарите.
Меѓународната и европската федерација на новинарите во денешното соопштение бара итно и безусловно ослободување на Кежаровски. Барањето на ССНМ и ЗНМ за поддршка во случајот со новинарот Кежаровски и на правото на новинарите за заштита на изворите и слободата на изразувањето на конгресот на МФН што се одржува во Даблин, Ирска на кој што учествуваат повеќе од 300 делегати од 120 земји, беше е поднесено заедно со синдикатите на Белгија, Хрватска и Србија како и со здружението на новинарите на Хрватска.