Миграцијата на младите е во фокусот на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на младите – 12 Август (понеделник).
Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун по тој повод упати апел до земјите членки да ги унапредат правата на младите мигранти.
„На овој Меѓународен ден на младите, ги охрабрувам земјите членки, младинските организации и другите заинтересирани страни да дејствуваат за унапредување на правата на сите млади мигранти, како и да го зголемат развојниот потенцијал на миграцијата на младите“, пишува во пораката генералниот секретар на светската организација, пренесува А1он.
Како што се наведува, младите луѓе сочинуваат повеќе од 10 проценти од вкупната бројка на меѓународни мигранти која изнесува околу 214 милиони, но премалку се знае за нивните предизвици и искуства. Меѓу многубројните причини поради кои младите мигрираат се наведуваат бегство од прогонство или економските проблеми со кои се соочуваат.
Некои се сами, други пак мигрираат со своите родители, браќа и сестри, па дури и со своите деца. Некои имаат каде да одат, други мораат да создадат нови познанства и врски. За време на транзитот и на нивните крајни дестинации, многу млади мигранти се соочуваат со низа проблеми, вклучувајќи го расизмот, ксенофобијата, дискриминацијата и повредите на човековите права. Младите жени, особено, се соочуваат со ризик од сексуална експлоатација и злоупотреба.
„Сиромаштијата, нехигиенските услови за живеење во преполни простории, како и предизвиците поврзани со наоѓање пристојно вработување, се секојдневни карактеристики на искуството на мигрантите. Актуелната глобална економска и финансиска криза уште повеќе ги зголемува овие предизвици. Мигрантите воедно се често обвинувани од заедниците и политичарите за одземање на работните места од локалното население, со што се изложени на уште поголем ризик од дискриминација. Во други случаи, младите луѓе кои се изоставени од нивните родители мигранти, се соочуваат со психолошки и социјални предизвици и поголема ранливост“, се вели во пораката.
Се истакнува и позитивниот придонес на младите мигранти за општествата од каде потекнуваат, во кои транзитираат и каде што се населуваат.
„Тие придонесуваат како економски, така и со збогатување на социјалниот и културниот состав на овие општества. Повеќето од нив работат напорно за да заработат за живот и да ги подобрат нивните околности. Средствата кои тие ги праќаат за да ги поддржуваат семејствата во нивните матични земји даваат голем придонес за економијата во светот. Кога ќе се вратат дома, младите мигранти често го зголемуваат развојот со применување на вештините и идеите стекнати во странство. Воедно, во многу случаи, миграцијата ја зголемува моќта на жените бидејќи тие стекнуваат финансиска и социјална независност“, оценува Ки-мун.
Генералното Собрание на ОН, во октомври ќе биде домаќин на Вториот дијалог за меѓународна миграција и развој.