Македонија ќе се приклучи кон Глобалното одбележување на Меѓународниот ден на сексуалните работници, најавува невладината организација Стар-Стар.
Според организаторите, на втори јуни во Градскиот парк во Скопје, од 13 до 20 часот на промотивниот штанд на СТАР-СТАР, ќе биде промовирана аспирацијата и профилот на сексуалната работа во Македонија.
Трајче Анушев, генерален секретар на „Стар“, вели дека самиот настан е наменет за да се подигне свеста на општата популација и да се презентира позитивната страна на сексуалната работа, но и да се сензибилизираат младите на оваа тема.
„Зошто да ги обезвреднуваме оние кои ни продаваат уживање? Писатели и композитори, високи благородници и кралеви – сите биле обземени од сексуалност. Сексуалниот нагон е најанималниот човечки нагон. Во природата постои само уште еден нагон кој по својот интезитет е еднаков на сексуалниот : потребата за храна. Тој секогаш успевал да најде начин да се манифестира, наспроти забраните на голем број владетели и строгите казни на инквизицијата и страдањето од полови болести. Се чини дека неговото задоволување им носи најголема радост и најголемо уживање на луѓето – од почетокот на нивното постоење“, се вели во најавата на настанот на Фејсбук.
Меѓународниот ден на сексуалните работници се одбележува веќе десетина години низ светот.