Четвртиот најголем град во светот гради мрежа на заштитени велосипедски патеки.
Во недела, булеварот Paseo de la Reforma во Мексико Сити е преполн со велосипедисти, скејтери и пешаци, на 55 километри долг затворен пат.
Овој жив мегаград на 21 милион жители е дом на 5,5 милиони автомобили, а тој број секојдневно расте и покрај тоа што е познат по некои од најголемите сообраќајни метежи во светот. Жителите поминуваат три часа во просек во превезување, а брзината на движење за време на најголемите метежи понекогаш паѓаат и до 12 километри на час.
Иако квалитетот на воздух е подобрен од 80-тите, кога Мексико Сити беше најзагаден град во светот, пешачењето или возењето велосипед изгледа како да вдишуваш издувни гасови директно од ауспух, пишува Guardian.
Сепак, еден ден во неделата, велосипедистите и пешаците ги заземаат патиштата, барем на неколку часа. Официјалниот настан Muévete en Bici (Движење со велосипед) се случува уште од 2008 година, но неодамна се прошири да опфати 55 километри на градските улици.
Иако многумина сметаат дека „утрото без автомобили“ секоја недела е глупост, булеварот е дом на широки, заштитени велосипедски патеки на двете страни, од историскиот центар до зелената оаза на Chapultepec паркот на запад. За време на метежот, на овие патеки постојано има велосипедисти кои си одат од работа. Многумина од нив го користат системот за изнајмување на велосипеди, Ecobici, кој е четврт најголем во светот од таков вид. Претежно го користат жителите на градот, иако е најмногу наменет за туристите.
Градот има околу 150 километри велосипедски патеки. Низ попопуларните делови на градот како Condesa и Roma, каде темпото на градот е побавно и возачите се навикнати да гледаат велосипедисти, на кои им даваат повеќе простор, се појавуваат сé повеќе кафулиња и продавници.
Bernardo Baranda од ITDP, која им помага на земјите во развој да го подобрат својот транспортен систем, е еден од велосипедистите кој помогнал да се формира организацијата Bicitekas кон крајот на 90-тите, откако се вратил од студии во Холандија.
Bicitekas paseo nocturno in Mexico City, November 2015 from Nick Mead on Vimeo.
Инспириран од трудот на гранодачалникот на Богота, Enrique Penalosa, колективот во 1998 година започнал со Paseo Nocturno, ноќна критична маса. Тогаш движењето било револуционерно, но денес градот одржува официјални ноќни критични маси секоја недела. Минатиот месец, на празникот на мртвите, настанот привлекол рекордни 95000 велосипедисти. Има уште многу неофицијални ноќни возења, организирани од групите Mujeres en Bici и Paseo de Todos, како и оригиналните настани на Bicitekas.
Baranda бара повеќе заштитени велосипедски патеки, но се надева дека новиот закон за сообраќај ќе ги подобри условите и патувањето со велосипед ќе стане побезбедно. Брзините на движење ќе бидат намалени на 50 километри на час на главните патишта, и 30 километри на час на помалите улици. На велосипедистите ќе им биде дозволено да минуваат на црвено светло ако нема автомобили на патот, а градските власти ќе ги стават на прво место потребите на пешачите, потоа на велосипедистите, на јавниот транспорт, на товарните возила, и на крај на приватните автомобили и мотори.
Нема сомнеж дека Мекико Сити сé уште е град на автомобили, но патувањето со велосипед сé почесто се практикува.
„Порано луѓето сметаа дека да се вози велосипед овде е ексцентрично или лудо“, вели Baranda. „Мислеа дека ако возиш велосипед веројатно си од оние што гушкаат дрв или немаш пари за да си купиш автомобил, но тоа се промени – сега е тренди“.