По повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, во Кинотека премиерно ќе се прикаже дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли.
Проекцијата ќе започне во 18 часот, на 26 јули, среда, а првично ќе биде прикажан избор од кратки филмски журнали „Филмске новости“ по повод земјотресот во Скопје, по што ќе следува „Мементо“.
Филмовите од изборот прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, но тие се и значајни заради тоа што во нив е документирана и меѓународната помош. Дел од овој избор се филмовите: „Благодарам Пријатели (помош од Велика Британија)“, „Благодарам Пријатели (помош од Чехословачка)“, „Благодарам Пријатели (помош од Светскиот совет на црквите)“, „Благодарам Пријатели (помош од САД)“ и „СР Хрватска за Скопје“.
„Во 1963 година, разорен земјотрес го погоди главниот град на Југословенска Република Македонија. Поголемиот дел од градот беше се претвори во урнатини, околу 2000 луѓе ги загубија своите животи и неколку стотици илјади ги загубија своите домови. Напорната работа што следеше, за да се возобнови градот, беше одбележена со значителна меѓународна помош која успеа да го подигне градот Скопје“, објаснуваат од Кинотека.
Оттаму дополнуваат дека од 1964 година, годината по земјотресот, во спомен на жртвите од земјотресот, но и во спомен на солидарноста на светот и нациите започнале да се одржуваат манифестациите „Средби на солидарноста“.
„Овој меѓународен настан донесе многу светски познати музичари и уметници во Скопје како Голден Гејт квартетот, сликарот Пабло Пикасо, Жилбер Беко, Шарл Азнавур, Зубин Мехта итн, па затоа, денес Скопје гордо ја носи титулата „Градот на солидарноста“, се вели во соопштението.
Од Кинотека посочуваат дека филмот „Мементо“ во исто време ќе има и он-лајн премиерна проекција која ќе се прикажува на официјалната интернет страна на Кинотеката како и на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Јутуб.
„Мементо“ на Димитрие Османли е снимен во 1967 година и раскажува приказна за Јана која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на нејзиното минато и семејната трагедија која ј доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Од јуни до декември 2023 година, со проекции низ различни европски кина, како и бесплатни „онлајн-проекции“, овие филмови ќе бидат прикажани во рамки на овој проект кој има за цел да го промовира заедничкото културно наследство преку т.н. „херитиџ“-филмови (филмско наследство), со особен акцент кон привлекување на младата публика.