Претставници на најголемите универзитети од Македонија, Турција и Бугарија, како и на академиите на науки и уметности денеска во Охрид потпишаа Меморандум за соработка на високообразовните и научните институции на трите држави.
Меморандумот, според најавите треба да ја зацврсти регионалната соработка меѓу научните институции и да отвори отвори можности за искористување на сите европски средства што стојат на располагање во областа на науката и образование, меѓу кои и од програмата „Хоризонт 2020“.
„Продорот на балканските држави во тој простор е тежок затоа што се работи за средства за кои се потребни солидни апликации. Основна идеја при формирањето на оваа инцијатива и потпишувањето на договор меѓу академиите на науки на трите држави и водечките универзитети од Скопје, Истанбул и Софија е токму осмислување поефикасен заеднички настап пред европските истражувачки фондови. Сметам дека ова е еден значен чекор што ќе даде нова димензија на и онака успешната соработка, меѓутоа вака обединети со заедничка платформа сигурно ќе бидеме далеку поуспешни“, изјави ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Велимир Стојановски.
Со ова се согласува и Јунуз Сојлер, ректор на Универзитетот во Истанбул. Според него треба да се работи на осмислување заеднички начини и разработување проекти што ќе овозможат меѓусебна соработка и развој на академската мисла.
Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски појасни дека Меморандумот освен што е резиме на досегашните резултати од соработката на универзитетите, академиите на Македонија, Турција и Бугарија, истовремено значи и интензивирањето на таа соработка, како на научен така и на високообразовен план.
Тој истакна дека потпишувањето на Меморандумот за соработка, со декларација што ги објаснува целите на иницијативата – обраќање кон меѓународната научна јавност, ќе овозможи конкретни договори за подготовка на заеднички тимови за работа во областа на техничките, општествените и медицинските науки, особено делот што предвидува иницијативата да продолжи со конкретни договори и работа на проекти со кои ќе се аплицира пред фондовите на ЕУ.