Кога девојчињата од средните училишта во Скопје ќе добијат менструација во тек на училишните часови, тие се чувствуваат засрамени и вознемирени. И покрај ова непријатно чувство, тие се принудени да бараат хигиенски влошки од другарките во класот или од оние од другите одделенија, а неретко се случува да одат и до дома за да се пресоблечат. Оваа ситуација може да биде доста поинаква, ако училиштата во Скопје дозволат да има менструални производи во нивните тоалети. Но, ниту училиштата ниту институциите не преземаат никакви чекори во оваа насока и покрај инсистирањето на учениците и инсистирањето на граѓанскиот сектор. Гинеколозите ја нагласуваат важноста на хигиената за избегнувањето на гинеколошките инфекции, пишува новинската агенција Порталб.мк.
„Бев неподготвена, добив менструација за време на часовите“
Една ученичка од трета година во средното економско училиште „Арсени Јовков“ во Скопје минатиот месец се нашла во доста непријатна ситуација.
Добила менструација за време на школскиот час, а со себе немала производи за менструација.
„Не можев да ја избегнам видливата дамка на облеката. Се почувствував засрамено и не знаев како да станам од столот. Потоа морав да станам и да одам во тоалет, и иако другарите ми помогнаа, сепак целиот клас разбра што ми се случило. Знаејќи дека сите ме гледаат и дека забележале што ми се случи, јас се почуствував засрамена и вознемирена“, изјавила ученичката.
Таа рече дека била принудена да оди дома за да се пресоблече, а ова искуство и оставило еден горчлив вкус и го нагласило недостатокот на соодветни услови за девојчињата и нивната менструална хигиена на училиште.
Порталб беше на терен во тоалетите на училиштата во Скопје, во кои немаше менструални производи.
За да добиеме одна појасна слика, Порталб.мк посети три средни училишта во Скопје: „Цветан Димов“, „Зеф Љуш Марку“ и „Арсениј Јовков“.
Во тоалетите на овие училишта не се обезбедени менструални производи како што се хигиенските влошки или тампоните.
Во меѓувреме, ученичките велат дека не се секогаш подготвени кога ќе добијат менструација и дека обезбедувањето на овие производи во училиштата би било олеснување за нив и на економски и на други аспекти.
Од добивање на менструација сред час, па сѐ до заглавување во тоалет
Нурије Ќаиловска, ученичка во прва година во средното училиште „Цветан Димов“, рече дека неа лично до сега не ѝ се случило да добие менструација среде часовите, но дека нејзината другарка се нашла во доста непријатна ситуација.
„На мојата другарка и се случи да добие менструација на часот по физичко образование и да ја извалка облеката, беше принудена да си оди дома бидејќи немавме хигиенски влошки. Во училиштето нема такви производи, мислам дека е добро да ги има во тоалетите, бидејќи се случува да не го знаеме точниот датум кога можеме да добиеме менструација, и бидејќи не живееме сите во близина на училиштето, некои живеат подалеку, и ние ученичките да немаме потреба да одиме надвор од училиштето за да набавиме од тие производи“, рече Ќаиловска.
Од друга страна, ученичката Ерза Мемети во прва година во „Зеф Љуш Марку“ рече дека ѝ се случило да заглави во тоалет бидејќи немала хигиенски влошки.
„Ми се случило да немам хигиенски влошки на училиште и морав да ги замолам сите мои другарки од другите одделенија, и да чекам во тоалет сè дури не најдам хигиенски влошки, а тоа не е мал проблем. Мислам дека е многу потребно овие менструални производи да ги има во училиште, бидејќи понекогаш не можеме да го знаеме точниот датум“, рече Мемети.
Туана Даци од економското училиште „Арсениј Јовков“ бара училиштата да имаат производи за менструација.
„Но и ние девојките мора да бидеме внимателни и да бидеме подготвени за секаква вонредна состојба“, изјави Даци.
Покрај менструалната сиромаштија во училиштата, ученичките наидуваат и на потешкотии во комуникацијата со професорите
Ерина Алији од училиштето „Зеф Љуш Марку“ рече дека им е тешко да зборуваат со професорите од машки пол за нивните проблеми во текот на циклусот.
„За среќа, ние имаме класна раководителка и нејзе ѝ е полесно да не разбере, бидејќи се случувало да добиеме циклус и за време на часовите со професорите. Го замолив професорот да ме ослободи од на час, но не наидов на разбирање и морав да чекам да заврши часот, а потоа не можев да станам од столот бидејќи панталоните ми беа валкани и затоа мислам дека треба да имаме повеќе услови и грижа за овие работи“, рече Алији.
Хава Лимани, ученичка во четврта година во средното училиште „Арсениј Јовков“, вели дека во недостиг на хигиенски влошки на училиште тие се обраќаат кај нивните професорки.
„Мене ми се случи, добив менструација на училиште и за жал бев неподготвена бидејќи немаме хигиенски влошки на училиште, па отидов кај класната раководителка, и таа ми помогна. Мислам дека треба да хигиенски влошки, сите ние имаме потреба од нив, бидејќи се случува да сме неподготвени и не секогаш можат да ни помогнат другарките. За мене лично е проблем да се обратам до професори мажи од срам и поради страв дека можеби нема да ме разбере“, вели Лимани.
И Берина Таири, ученичка во втора година во истото училиште, вели дека во училиштата треба да има обуки за двата пола.
„Мислам дека се уште е табу тема, за која се срамам да им кажам на професорите, туку се обраќам кај професорката затоа што има моменти кога се срамам и не можам слободно да се изразам. Поради оваа причина мислам дека во училиштата треба да има хигиенски влошки, а поради хормоните се случува да не можеме да го знаеме точниот датум. Исто така, мислам дека треба повеќе да се разговара за тоа во училиштата, и да имаме некој дополнителен час или обука за сите“, вели Таири.
Училишниот персонал ја поддржува идејата да им се понудат средства за хигиена на ученичките
Во „Зеф Љуш Марку“ се сретнавме со професорката Ајше Беќири, која ни рече дека од годишниот буџет на училиштето треба да се издвојат пари за менструални производи.
„Мислам дека е добро да се преземаат мерки во секое училиште и за ова намена да има буџет од училиштето, од која било организација или од надлежните институции, без разлика кои се тие извори на средства, или директно да се донесат хигиенски средства, хигиенски влошки… за истите да можат да ги користат девојките за време на менструалниот циклус. Што се однесува до учениците од нашето училиште, имаме ученици кои не се во многу добра економска состојба, и тие имаат поголеми проблеми околу купувањето на хигиенските влошки“, рече Беќири.
Заменик директорката на средното училиште „Арсениј Јовков“, Алма Точи, рече дека во отсуство на менструални производи од училиштето, таа им носи хигиенски влошки на ученичките.
„Добро е на училиште да има хигиенски влошки и да им ги даваме на ученичките кога им треба за да не си заминат од часот, а има и случаи когатие бараат да си одат дома затоа што имаат болки. Ученичките бараат јас да им кажам на професорите кога ќе имаат вакви проблеми, бидејќи се срамат да зборуваат за тоа со припадници од машкиот пол“, рече Точи.
Професорката Линдита Мурсели од средното училиште „Цветан Димов“ нагласува дека менструалната сиромаштија се уште е табу тема и дека недостига сексуално образование кај младите.
„Толку години колку што работам во врска со менструалниот циклус кај девојчињата, тие не наишле на некој проблем што може да се земе како таков, освен што имало потреба да ги ослободиме од на час затоа што немале менструални продукти кои им биле потребни. Не сме наишле на други потешкотии, но во овој период имаше проблеми со хормоните. Добро е да има такви производи на училиште и во случај на потреба со нив да се послужат девојчињата“, рече Мурсели.
Реактор: Девојките сакаат да има производи за менструација во тоалетите
Организацијата Реактор спроведе едно истражување заедно со организацијата Tiiiit! Inc за менструални производи, при што се истакна проблемот со недостигот на менструални производи во училиштата и се покажа дека жените и девојките ја поддржуваат идејата за обезбедување на менструални производи во јавните тоалети.
„Невозможно е да се зборува за одржливи промени ако нема проактивност од страна на државата. Воспоставувањето на трајни промени во ставовите за менструалното здравје во и надвор од училиштата е вистински предизвик без поддршка од националните носители на одлуки за овие прашања“, велат од Реактор.
Хигиената спречува инфекции
Школските тоалети треба да се одржуваат и да се обезбедат менструални производи за девојчињата. Вака вели гинекологот Нурџане Сулимани, која нагласува дека така се спречуваат инфекциите.
„Една училишна средина треба да има проточна вода без бактерии и хигиенски одржувани тоалети, како и хигиенски алатки кои го олеснуваат одржувањето на хигиената на кожата и гениталните органи. Треба да има и хигиенски влошки и се друго што помага да се избегнат инфекциите на женските генитални органи. Како гинеколог, ја нагласувам потребата за превенција на овие инфекции и потребата за обезбедување на хигиенските средства во образовните институции, за да имаме една здрава младина со добро репродуктивно здравје во иднина”, рече Сулимани.
Таа ги повика надлежните институции да придонесат што е можно повеќе за надокнадување на овие услови.
Институциите немаат намера да обезбедат производи
Од Министерството за образование велат дека не предвидуваат никаква мерка за обезбедување на менструални производи во училишните тоалети.
Институтот за јавно здравје нема спроведено ниту една студија за менструалните производи во училиштата, а од таму бевме упатени до Министерството за образование и Бирото за развој на образованието.
Ниту Бирото за развој на образованието нема спроведено таква активност.
„Но, оваа тема се спроведува во форма на проекти од невладини организации во соработка со Министерството за здравство и Здружението на гинеколози. За да функционираат во средните училишта овие активности мора да добијат согласност од Министерството за образование“, велат од Бирото за развој на образованието.
Од Министерството за здравство и Министерството за финансии, иако ни потврдија дека ќе ги разгледаат новинарските прашања за ова прашање, но до објавувањето на овој текст не ни одговорија.