Мерките и активностите на институциите не се доволни за унапредување на животната средина, објави ДЗР

Државнот завод за ревизија (ДЗР) посочува дека мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните ресурси.

ДЗР изврши ревизија на успешност на тема „Даноците за животната средина во функција на ефективно спроведување на политиките за заштита на животната средина“, со што заклучува дека е стекнато „разумно уверување“.

„Стратешката и нормативна рамка, усогласеноста на националното со ЕУ закнодавството за животната средина, воведувањето на ‘загадувачот плаќа’, воведување на надоместоците за животна средина и инвестиционите вложувања по одделни области обезбедуваат одреден напредок во однос на спроведување на политиките, но тоа не е доволно за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства“, соопштува ДЗР.

Од вкупните даноци за животна средина, со ревизијата се опфатени: даноците за загадување и даноците за искористување на ресурси, како и дел од транспортните даноци за животна средина, кои во ревизијата од 2019 до 2021 година изнесуваат 838.142 денари.

Ревизорите утврдиле отсуство на интегриран пристап во решавањето на проблемите со животната средина на национално и локално ниво, а администрирањето на надовместоците за животна средина од повеќето институции не овозможува увид од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), надлежно за политиките во оваа област.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека, недостасува единствен информационен систем кој ќе ги содржи информациите и податоците од сите инстутиции вклучени во процесот на пресметка и наплата на надоместоците, но и редовна институционална комуникација и координација за размена на податоците.

Исто така, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) нема законска надлежност за санкционирање на обврзниците кои не го платиле надоместокот, што не овозможува ефективно администрирање на приходите од надоместоците за животна средина.

„За периодот од 2020 година до денот на вршење на ревизијата, во Буџетот на РСМ не се остварени приходи по основ на надоместоци за користење и испуштање на води во износ од 101.616 денари, за што се склучени спогодби, а процентот на неприходувана вода на ниво на држава од 60,46% е значајно повисок од земјите на ЕУ (30%)“, соопштува Ревизорот.

Од таму посочуваат дека поради неиздадени / ненавремено издадени решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана дозвола, ненавремено и нецелосно утужување, заклучно со 31.12.2021 година, остварени се помалку приходи и во буџетот на МЖСПП. Односно, не се наплатени побарувања од 9.453 денари, а отпишани се 30.273 денари.

Старосна група на ппобарувања, извор: ДЗР

 

Само 37% од општините остваруваат приходи по основ на надоместоци за управување со комунален отпад, средства кои треба да бидат искористени за реализирање на регионалните планови и цели за управување со оваа област“, посочува ДЗР.

Во однос на Централната лабораторија за животна средина, Ревизорот забележува дека таа не е целосно акредитирана. А, поради воспоставената соработка со ресорното министерство, Државниот инспекторат за животна средина користи услуги од приватни акредитирани лаборатории, кои во исто време вршат мерења и изготвуваат елаборати на загадувачите.

За овој проблем со лабораторијата уште во 2019 година истражуваше и Радио МОФ, а во меѓувреме акредитирани беа методи за квалитет на вода и бучава, но не и за воздх.

Државата не издвојува пари за лабораторија што ќе контролира загадувачи

Понатаму, ДЗР потенцира дека не може да се обезбеди показател на степенот на искористеност на средствата од надоместоците за животна средина за финансирање на активностите од оваа област.

„Во периодот 2019-2021 година, програмите за инвестирање во животната средина имаат реализација од 62,7%, а поради непреземените мерки од договорените страни, раскинати се договори за реализација на проекти од Програмата за управување со водите во износ од 6.520 денари“, велат од ДЗР.

Инвестиции во животна средина (во денари), извор: Државен завод за статистика

Средствата од буџетот на МЖСПП не се доволни за финансирање на активностите во областа воздух и заштита на природата. На локално ниво пак, велат тие, „планираните средства не обезбедуваат реализација на планските документи и спроведување на активности во планираните зони и агломерации“.

Поради отсуство на интегриран пристап во начинот на распределбата и користењето на надоместоците за животна средина, според податоците на Државниот завод за статистика, инвестициите и трошоците за заштита на животна средина учествуваат незначително во БДП со 0,6% за 2020 година.

Бојан Шашевски