Кинотеката на Северна Македонија ја објави програмата за месец мај, во чиј фокус е македонското кино со акцент и посебна тематска целина посветена на великанот на седмата уметност, филмскиот автор Столе Попов.
Оваа година нему ќе му биде доделена и кинотечната награда „Златниот објектив“. Столе Стојан Попов е режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжи националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на седмата уметност и филмското образование.
Режисерот Попов ќе биде официјално присутен на самата церемонија, а присутните филмски работници ќе бидат во можност да проследат темелна анализа и осврт за и околу неговото творештво.
На големото платно во кино салата повторно ќе може да се видат клучните остварувања со неговиот режисерски потпис – документарните филмови „ОГАН“, „ДАЕ“, „АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА“, како и веќе антологиските играни филмови „ЦРВЕНИОТ КОЊ“, „СРЕЌНА НОВА 1949“, „ТЕТОВИРАЊЕ“. Во рамките на циклусов ќе биде прикажан и македонскиот револуционерен вестерн-проект, „ДО БАЛЧАК“, реализиран по сценарио на Горан Стефановски.
Домашната кино-сцена ќе биде претставена и преку ретроспективна проекција на кратки форми.
Филмофилите ќе бидат во можност повторно да ги видат филмовите потпишани од етаблираните дејци Кочо Недков, Дарко Марковиќ, а ќе биде прикажан и краткиот филм „ВЛАКНА“, по сценарио и во режија на Елеонора Венинова.
На менито на Кинотека, месецов се наоѓа и промоцијата на новиот филм потпишан од францускиот кино-провокатор Франсоа Озон. Се работи за еден навистина интересен, постмодерен осврт и своевиден римејк на делата потпишани и креирани од легендата на германскиот нов бран, Рајнер Вернер Фасбиндер.
Целосната програма по кино-проекции е достапна овде.