По повод стогодишнината од смртта на оперскиот композитор Џакомо Пучини, Национална опера и балет најавува „Месец на Пучини“ со четири негови опери кои ќе се одиграат од 8 до 29 ноември.
На 8 ноември ќе се одигра операта „Боеми“, приказна за љубовта и загубата во боемскиот кварт на Париз. „Мадам Батерфлај“, трагична љубовна приказна за јапонската гејша и американскиот офицер, ќе се одржи на 16 ноември. Операта за љубовта, предавството и жртвата во револуционерниот Рим, насловена „Тоска“ ќе се одигра на 23 ноември. Додека приказната за суровата кинеска принцеза и принцот кој се обидува да ја освои – „Турандот“, ќе се одигра на 29 ноември.
„Секоја од овие опери носи емотивни приказни за љубовта, жртвата и страста, раскажани преку трогателни мелодии и виртуозни изведби кои нашите солисти, хорот и оркестарот ќе ги оживеат на сцената. За публиката, ова е ретка можност, во еден месец, да доживее четири од најважните опери на Пучини, изведени на највисоко ниво“, велат оттаму.
Како што посочуваат, ова не е само уметнички настан, туку и можност да ја инспирираат новата генерација љубители на операта, да ги прошират културните хоризонти и да предизвикаат интерес за оперската уметност кај пошироката публика.
Повеќе информации за репертоарот и билетите може да прочитате тука.