Место за патување во вселената со Џеф Безос продадено за 28 милиони долари

Место за во ракетата со која милијардерот Џеф Безос ќе отпатува во вселената е продадено на аукција за 28 милиони американски долари, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Идентитетот на лицето кое ја платило сумата за патување не е соопштено. Наддавањето завршило за само седум минути по почетокот на аукцијата, која се одржа преку телефонска врска.

Ракетата на компанијата „Блу Ориџин“ ќе биде лансирана на 20 јули во Тексас. Истовремено, се посочува дека тоа ќе биде пресвртница во напорите на американските компании да започнат нова ера на приватни комерцијални патувања во вселената.

Основачот на „Блу Ориџин“ и директор на „Амазон“, Џеф Безос, кој е најбогатиот човек во светот се натпреварува со милијардерите Ричард Бренсон и Илон Маск, за тоа кој прв ќе отпатува во вселената.