Девојката од Приједор, Јелена Топиќ која еден месец го привлекуваше вниманието на медиумите и јавноста стоејќи и молчејќи неподвижно на плоштадот во Приједор, Република Српска од 10 до 13 часот секој ден, денеска не се качила на својата платформа, пренесува Радио Сараево.
На местото на кое Јелена секој ден немо стоеше, сега стои нејзината кутија, натпис со хуманитарниот број 1413 за помош на болното момче Игор и креди со кои веќе неколку граѓани ги пишале своите имиња на плочникот.
Дали Јелена со тоа упатила позив до своите сограѓани да застанат на нејзиното место или пак се обидува вниманието насочено кон неа, да го упати кон хуманитарните цели?
Топиќ го привлече вниманието на јавноста со протестот со молк, во кој таа одбиваше да комуницира со медиумите или минувачите. Понекогаш во протестот и се придружуваа и минувачите, во една прилика и на главата имаше картонска кутија, а понекогаш со себе носеше транспарент на кој пишуваше дека таа гласно молчи или дека никој не би ја чул и ако проговори.
Таа има 28 години, завршила два факултета и се претпоставуваше дека нејзиниот перформанс сака да упати критика за невработеноста во земјата.