Компанијата Мета, која во сопственост ги има Фејсбук и Инстаграм, најавува дека работат на развивање нова социјална мрежа за споделување текстуални статуси, која треба да биде најголем конкурент на Твитер.
„Веруваме дека постои прилика за посебен простор каде креаторите и јавните личности ќе можат да споделуваат актуелни објави за нивните интереси“, изјавил портпаролот на Мета за Си-Ен-Ен, со што практично ја опиша главната функција на Твитер без да ја спомене социјалната мрежа.
Платформата, според најавите, треба да биде децентрализирана, што би значело дека корисниците ќе можат независно да создаваат нови сервери или заедници, секоја од нив со посебни правила наместо една централизирана платформа контролирана од Мета. Концептот е сличен на Реддит и Дискорт, но е голема промена од тоа како функционираат другите платформи во сопственост на Мета.
Доколку новата социјална мрежа на Мета навистина е децентрализирана, таа ќе овозможи трети страни да развиваат апликации и алатки во самата платформа, што потенцијално може на корисниците да им даде различни искуства настрана од она што Мета ќе го има замислено.
Социјалната мрежа во моментов се води под псевдонимот „П92“ и е во рана развојна фаза. Проектот го води шефот на Инстаграм, Адам Мосери, пренесува Платформер.
Последниве месеци голем број нови социјални платформи се обидоа да профитираат од проблемите со кои се соочуваше Твитер по преземањето од страна на милијардерот Илон Маск. Многу од нив имаа одреден скок во бројот на корисниците по промената на раководството на Твитер, но оттогаш наваму неуспешно се обидуваа да добијат масовна прифатеност од корисниците.
Мастодон, децентрализирана социјална мрежа која беше направена во 2016 година, го зголеми бројот на корисниците од 300 илјади на 2,5 милиони во неколкуте недели по преземањето на Твитер од страна на Маск минатиот октомври. Сепак, нејзиниот развој се забави последниве месеци, делумно и поради проблемите на корисниците со децентрализираната платформа која е малку посложена за користење.
Но, новата платформа на Мета би можела да има голема корист од веќе постоечката огромна база на корисници на другите платформи на компанијата, како на пример две милијарди луѓе кои секојдневно го користат Фејсбук.