Десет платна со боди-арт и две живи скулптури,односно насликани модели ја сочинуваат изложбата „Метаморфоза“ на уметникот Бојан Ковски. Изложбата, која е по повод пет години од почетокот во оваа гранка за уметникот, ќе биде отворена на 10 декември, петок, во Младинскиот културен центар.
„Метаморфозата е биолошки процес низ кој поминуваат некои животни, особено инсекти и при тоа го менуваат однесувањето. Сите ја знаеме трансформацијата од ларва кон пеперутка и тој процес е бавен се додека не заврши сопственото оформување до зрелост за полет низ животот“, вели за изложбата, кураторката Дијана Томиќ Радевски.
Според Ковски, метаморфозата е многу важен процес во психата на секој човек.
„Што би било доколку секоја наша промена и самата се отсликува на нашето тело? Ова е прашањето што уметникот си го поставува себеси при изработката на делата за оваа изложба. Целта на изложбата е да ги поттикне посетителите да се замислат и запрашаат како тие самите се менуваат, што ги поттикнува и што би сакале да станат“, пишува тој.
Главната порака на оваа изложба е редефинирање на телото и претворање на човекот од својот лик во нешто што наликува на суштество од друга планета со боите што ги носат пеперутките.
За време на изложбата ќе има DJ-сет од Мартина Пенева, а ќе биде претставен и новиот веб-сајт www.kovski.art.