МФФ Киненова ќе започне со македонската премиера на „Јон Вардар против галаксијата“

„Kиненова“ на 15 октомври повторно сите светла ги вперува во македонската филмска продукција: Фестивалот ќе започне со македонската премиера на „Јон Вардар против галаксијата“.

Свеченото отворање на годинешното издание на МФФ Киненова, на 15 октомври ќе биде во знакот на македонскиот филм со проекција на „Јон Вардар против галаксијата“, првиот македонски долгометражен филм во режија на Гоце Цветановски.

„Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, нормално е да настане хаос. Двајцата ќе мора да здружат сили за да го заштитат најопасното оружје во Галаксијата да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки, и можен крај на севкупната егзистенција“, гласи синопсисот на филмот.

Улоги толкуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.

„Научнофантастична пародија со балкански шмек со супер-јунакот Јон Вардар е интергалактичка комедија за целото семејство“, велат од МФФ Киненова.

Гоце Цветановски е македонски наградуван режисер и продуцент. Студирал на филмски студии во Париз, Франција, каде што живеел 17 години. Покрај неговите филмски активности, тој има работено и на различни комерцијални проекти за клиенти како што се Faith No More, Ed Sheeran, Samsung и Alcatel.

Тој е соосновач на компанијата за издавање стрипови „Komic Brew“ со седиште во Шкотска, Велика Британија. Во 2015 година се враќа да живее и работи во Македонија како креативен директор на Lynx Animation Studios.