Мицко Дамњановски: Наместо пет хонорари, Градскиот дувачки оркестар доби само празни ветувања од Град Скопје и МКЦ

Долгогодишниот член на Градскиот дувачки оркестар, Мицко Дамњановски за Радио МОФ вели дека со целата ситуација со хонорарците со МКЦ никој не го споменува овој Оркестар, за кој имало активни договори за 2023 година, но сепак музичарите останале без пет исплатени хонорари.

Според него, тие добиле само празни ветувања како од администрацијата за култура на Град Скопје, така и од раководните структури на МКЦ.

„Никој не’ нема нема контактирано од Дирекцијата на МКЦ за да видиме како би се одвивале понатаму работите. Веднаш по поставувањето на господинот Бени Шаќири за директор, беше повикан диригентот на оркестарот каде усно беше ветено дека ќе стори се’ што е во негова надлежност да ги нормализира работите. Но еве, до денешен ден ништо не е превземено. Договорите кои ги потпишавме уште минатата година, веднаш видовме дека содржат сомнителни членови во нив, меѓутоа поради долгогодишната работа искрено не очекувавме да бидеме изиграни. Ние како членови на оркестарот искрено се надеваме на позитивна разврска“, посочува Дамњановски за Радио МОФ.

Освен тоа што музичарите останале „пократки“ за пет месечни хонорари, за кои музичарот тврди дека се смешни суми, дополнително, вели тој, целосното опстојување на оркестарот во 2024 година е прекинато.

„Овој оркестар постои долги години и навистина, во најмала рака е срамота да прекине со работа еден ваков оркестар кој повеќе пати месечно ги забавуваше скопјани или во градскиот парк, или по скопските улици, притоа подготвувајќи повеќе целовечерни концерти во текот на годината“, забележува членот на Градскиот дувачки оркестар.

Радио МОФ денес проба да стапи во контакт со директорот Арбен Бени Шаќири во однос на хонорарците и активностите врзани за МКЦ. Чекаме одговор од Шаќири и во врска со хонорарците што не им беше продолжен договорот поради изборите, но и за долговите во МКЦ, што извори блиски до Центарот ни рекоа дека се наталожуваат уште од лани, кога почна целиот процес за смена на директор и имаше кратење на програмскиот буџет од Град Скопје.

Во меѓувреме, Шаќири за „Фокус“ пред неколку денови изјави дека, по изборите, ситуацијата во Центарот се нормализира и голем број хонорарно ангажирани лица се вратиле на работа, но има и такви кои во меѓувреме се снашле и се вработиле на друго место.

Бојан Шашевски