Полските власти соопштија дека мигранти се обиделе да ја преминат границата од Белорусија во текот на ноќта, но во помал број, откако Белорусија расчисти некои кампови во кои луѓето се собираа на ниски температури и додека стотици мигранти биле вратени назад во Ирак, пренесува „Радио Слободна Европа“.
Се чинеше дека развојот на настаните сигнализираше смирување на повеќенеделната криза на источната граница на Европската Унија, но спорот сè уште не беше решен бидејќи блокот го отфрли предлогот на Минск да прими 2.000 мигранти.
ЕУ го обвинува белорускиот моќник Александар Лукашенко дека со авиони носел мигранти и ги превезувал до границите на земјите членки на ЕУ, Полска, Латвија и Литванија за да се одмазди за санкциите што блокот ги воведе поради репресијата врз демонстрантите на протестите по минатогодишните спорни претседателски избори.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак за „Полсат“ денеска изјави дека се уште има обиди за преминување на границата откако камповите беа расчистени претходниот ден, но во помали групи од претходно, кога понекогаш стотици лица се обидуваа да ја пробијат оградата одеднаш.