Зашиени усти на мигранти, полуголи машки тела со испишани пораки „Застрелајте не, но ние не се враќаме назад“ и „Отворете ги границите“ е сликата која денеска се гледа на македонско- грчката граница каде што повторно протестираат мал дел од мигрантите од „неконфликните подрачја “ на кои не им се дозволува преминување на границата, пишува Радио Слободна Европа.
Тие веќе шести ден протестираат на македонско – грчката граница и бараат да им се дозволи транзит. Дел од нив штрајкуваат со глад, одбиваат секаква хуманитарна помош и не сакаат да се вратат назад информираат грчките волонтери во Идомени на социјалните мрежи.
Од УНХЦР велат дека на самата гранична линија во моментов има околу 50-тина луѓе кои мирно протестираат, додека останатите од големата група поради ниските температури се повлекле во прифатниот центар на грчка страна во Идомени каде што има над илјада економски мирганти. По одлуката за селекција на мигрантите, при регистрацијата на бегалците се наметнуваат и нови потешкотии кои од УНХЦР појаснуваат дека се обидуваат да ги решат на индивидуална основа.
Од МВР информираат дека нема големи застои во регистрацијата на бегалците кои доаѓаат од воени подрчја и дека засега состојбата на јужната и на северната граница е мирна.
Од пред неколку дена, кога земјите на балканската рута почнаа селекција, според која, право на транзит имаат само бегалците кои доаѓаат од земји зафатени со воени конфликти, бројот на економски мигранти на зглавени во меѓуграничната зона достигна и над илјада.