Загадувањето со микропластика за првпат е откриено дека навлегува длабоко во белите дробови на живи луѓе. Честички биле пронајдени во скоро сите примероци анализирани од научниците.
Експертите велат дека загадувањето со микропластика во моментов е присутно низ целата Планета, со што изложеноста на луѓето е неизбежна и предизвикува загриженост за здравствените опасности.
Научниците зеле примероци од ткива отстранети од 13 пациенти кои имале операции и нашле микропластика во 11 од нив. Најчестите честички биле полипропилен, кој се користи во пластичната амбалажа и цевки, како и ПЕТ, која се користи за пластични шишиња. Претходни анализи покажаа високо ниво на микропластика во белите дробови на мртви луѓе за време на аутопсии.
Веќе беше познато дека луѓето ги вдишуваат малечките честички, а ги внесуваат и преку храна и вода. Истовремено е забележано дека работниците изложени на високо ниво на микропластика развиваат болести.
„Не очекувавме дека ќе најдеме најголем број од честичките во долните делови на белите дробови, ниту пак дека ќе пронајдеме честички со големина каква што ја регистриравме. Изненадувачки е бидејќи дишните патишта се помали во долните делови на белите дробови и очекувавме овие честички да се филтрираат и да се заглавуваат пред да навлезат олку длабоко“, објаснува Лаура Садофски, од медицинската школа на Хал Јорк во Велика Британија, која е и авторка на студијата.
Минатиот месец за првпат беше регистрирана микропластика во човечката крв, што покажа дека овие честички можат да патуваат низ телото и да се складираат во различни органи. Нивното влијание врз здравјето и понатаму е непознато, но научниците се загрижени бидејќи микропластиката предизвикува штети во човечките клетки во лабораториски услови.
„Овие податоци овозможуваат важни откритија во полето на аерозагадување, микропластиката и човековото здравје“, додава Садофски посочувајќи дека информациите можат да се користат за креирање на реалистични услови во лабораториските експерименти за да се утврди влијанието по здравјето.
Во бразилска студија од минатата година, на примероци од аутопсија била пронајдени микропластика во 13 од 20 анализирани луѓе, чија возраст била повисока од студијата на Садофски. При тоа истражување една од најчестите пронајдени честички бил полиетиленот, кој се користи во пластичните кеси.