Младинскиот културен центар (МКЦ) го објави победникот на Конкурсот за идејно-графичко решение за визуелно обликување на програмите и активностите на МКЦ, кој има за цел создавање визуелен идентитет и препознавање на јубилејот „50 години МКЦ“.
Оттаму известуваат дека на Конкурсот пристигнале 51 идејни апликации.
„ЈУ МКЦ се заблагодарува на сите учесници, видлив е висок квалитет по однос на естетско-графичките параметри, што направи изборот да биде навистина тежок“, истакнуваат од МКЦ.
Имено, за најдобро идејно-графичко решение и визуелен идентитет за „50 години МКЦ“ е избран трудот на Милан Димитриев.
Од МКЦ додаваат дека поради високиот квалитет на пристигнатите решенија, Комисијата одлучила да му даде пофалница на второрангираниот Гоце Велески.
Првичната селекција била направена од програмскиот колегиум на МКЦ, а финалниот избор го направила петчлена стручна комисија.
Избраното решение ќе биде наградено со паричен износ од 50.000,00 денари.