Дирекцијата на Филмскиот Фестивал во Венеција го објави учеството на Милчо Манчевски во специјалниот проект посветен на јубилејот. Во чест на овогодишниот јубилеј, 70-тото издание на Венецијанскиот филмски фестивал, директорот на фестивалот Алберто Барбера упати ексклузивна покана до режисерите кои влегле во историјата на Фестивалот во Венеција и во светската кинематографска историја, вклучувајќи го и Манчевски, да изработат кратки филмови на тема „Иднината на кинематографијата“.
Филмовите ќе бидат прикажани во специјалната селекција „Venezia 70 – Future Reloaded“. Манчевски учествува со краткиот филм под наслов „Четврток“, снимен по специјална покана на Фестивалот. Снимањето заврши во мај во Њујорк. Сценариото е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата глумица Лора Ласи. Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска.
„Мило ми е што по подолго време пак снимав во Њујорк (со одлични соработници, особено продуцентот Арон Левин, монтажерот Питер Мостерт и композиторот Новоградска), но темата, како и обично е универзална, а не локална. „Четврток“ е ептен краток филм, како хаику, ама има ефект како кога рака облечена во чипка те удира силно во стомакот“, изјави Манчевски.
Во специјалната селекција „Иднината на кинематографијата“ учество земаат најславните имиња на светската кинематографија. Покрај Манчевски, со свои филмови се претставуваат и Бернардо Бертоlучи, Ким Ки-Дук, Пол Шредер, Абас Киаростами, Валтер Салјес, Монте Хелман, Катарин Бреја, Клер Дени, Атом Егојан, Џејмс Франко, Ермано Олми, Амос Гитај, Жан-Мари Штрауб, Тод Солонц, Апичатпонг Верасетакул и други.
Манчевски го освои Златниот лав за најдобар филм во Венеција во 1994 за „Пред дождот“, кога освои уште девет други награди, а неговиот филм „Прашина“ го отвори Фестивалот во 2001. На Фестивалот подоцна беше воведена и наградата „Кругот не е тркалезен“ насловена така според мотото на филмот „Пред дождот“.
Извор: Нова ТВ