За време на викендите, кога полицискиот час почнува во 16:00 часот, ќе биде дозволено шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, соопшти премиерот Оливер Спасовски.
„На денешната седница донесовме измени на уредбата за ограничено движење за да им се излезе во пресрет на домашните миленици – за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, најмногу до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, без групирање“, објави Спасовски на социјалните мрежи.
Како што пишуваше Радио МОФ, откако викендов беше воведен полициски час за сите од 16:00 часот, луѓето што чуваат миленици, пред се во станови, побараа отстапки за да можат да ги изнесат кучињата надвор, за извршување на физиолошките потреби.
„Животните не смеат да се изложуваат на болка. Со оваа мерка животните се изложуваат. Навистина верувам дека ќе излезат со јавно соопштение дека можеме да си ги прошетаме милениците за време на полицискиот час. Сите европски земји и соседните направија отстапка за луѓето кои чуваат миленици да можат да излезат на кратка прошетка не подолга од 10-20 минути и не подалеку од својот дом 200 метри. Без да се групираат, туку сами да шетаат. Се надевам дека и нашата држава ќе го следи овој пример“, истакна пред неколку дена Наталија Трпковска, претседателка на „Шепасти ентузијасти“.
Да се направи отстапка од забраната за движење, бараат сопственици на миленици