Технолошкиот свет, инвеститорите, но и една милијарда корисници на Фејсбук се во исчекување на „голема вест“ што се очекува да биде соопштена од седиштето на најголемата светска социјална мрежа Фејсбук денеска (15 јануари). Новинарите и аналитичарите се натпреваруваат во претпоставки за тоа што ќе биде објавено на мистериозниот настан.
Компанијата ја најави прес-конференцијата уште минатата недела, со покана до медиумите да „дојдат и видат што градиме“. Оттогаш, Фејсбук не открива за што станува збор, а претпоставките се движат од објава за смартфон произведен од Фејсбук до промоција на пребарувач кој го развила компанијата. Според аналитичарот на Jefferies & Co Брајан Пиц, првата опција не ее многу веројатна, затоа што Марк Цукерберг во повеќе наврати изјавувал дека развивањето смартфон не би била добра стратегија за Фејсбук.
Што се однесува до пребарувачот за кој се шпекулира веќе со години, тоа дефинитивно би било поздравено од една милијарда корисници на социјалната мрежа, кои често ја критикуваат поради недостаток од подобри опции за пребарување.
Во очекување на „големата вест“, вредноста на акциите на Фејсбук на берзата во Њујорк се зголеми, а нивниот раст од почетокот на годинава изнесува 17% .Дел од причините за ова аналитичарите ги гледаат и во зголемувањето на обемот на реклами на мобилната апликација на Фејсбук, што им дава оптимизам на инвеститорите. Фејсбук беше првата компанија која во моментот кога излезе на Волстрит имаше капитал поголем од сто милијарди долари.