Милиони корисници на Аpple и Google уредите се оставени ранливи на хакерите додека сурфаат на интернет, благодарение на новооткриената безбедносна мана, позната како „freak attack”, пренесе Гардијан.
Засега нема докази дека некој хакер ја искористил оваа слабост, но компаниите се обидуваат во најскоро време да ја поправат. Истражувачите вината ја бараат во стара владина политика, напуштена пред повеќе од една деценија, која ги обврзува американските софтверски креатори да користат послаба сигурност во шифрирањето на програмите кои се продаваат во странство.
Многу популарни веб-сајтови и интернет пребарувачи продолжуваат да го прифаќаат овој послаб софтвер, или можат да бидат намамени за неговото користење, тврдат неколку истражувачи од повеќе институции кои ги објавија своите наоди во вторникот.
Тие велат дека е многу полесно хакерите да го скршат шифрирањето што би требало да го спречи дигиталното прислушување кога некој посетител ќе напише некои чувствителни информации на веб-сајтот.
Околу една третина од сите шифрирани веб-сајтови се ранливи, вклучувајќи ги и сајтовите Американ Експрес, Групон, Кол, Мариот и неколку други владини агенции, велат истражувачите.
Компјутерскиот научник, Закир Дурумерик, од универзитетот од Мичиген, изјавил дека овој ефект на ранливост влијае на Епл веб-пребарувачите, и пребарувачите вградени во Гугл Андроид софтверот, но не и на Хром пребарувачот на Гугл или сегашните пребарувачи од Мајкрософт или Фајрфокс на Мозила.
Од компаниите Епл и Гугл во вторникот изјавија дека создале софтверски ажурирања за да ја поправат „freak attack” мааната. Голем број на оператори на комерцијалните веб-сајтови, преземаат акција откако биле известени, минатата недела, изјави Метју Грин, истражувач за компјутерска безбедност на Универзитетот Џонс Хопкинс.
Но, некои експерти сметаат дека проблемот ја покажува опасноста од владините политики кои бараат слабеење на кодовите на енкрипција, дури и кога помага во борбата против криминалот или пак заканите за националната безбедност. Тие предупредија дека овие политики ненамерно може да обезбедат пристап на хакерите.
„Ова е политичка одлука направена пред 20 години и сега се враќа да не гризне”, изјави Едвард Фелтен, професор по компјутерски науки и јавни прашања на Принстон, осврнувајќи се на старите ограничувања на кодовите за енкрипција.
Извор: Гардијан