Скопската група „Милко“ ќе го промовира својот последен студиски албум насловен „Милко“. Концертната промоција е закажана за сабота (20 февруари), од 22 часот во Младинскиот културен центар во Скопје.
Новиот албум на „Милко“ можеби ја носи нивната најискрена и најдиректна музичка експресија досега, што изобилува со имагинарен занес и креативна страст проткаени низ нивниот обид за јасна и вистинска, автентична дијагноза за градот и времето.
„Милко“ се мелодичен инди-бенд, кој постои од 2006 година и досега имаат издадено два албума „Луѓе“ и „Милко“, два мини-албуми „Don’t let them win“ и „Changes“ и проект-албумот „Никотин“, сите за издавачката куќа ПМГ Рекордингс – Скопје.
Албумот е снимен во студиото marryPHAT – Скопје, Mикс и мастеринг Ивица Јанкуловски, продуцент Ивица Јанкуловски и Милко. Фотографија и дизајн на омот Димитар Апостолов – Zewlean.
„Милко“ го сочинуваат Сашо Митревски на гитара и вокал, Стефан Терпини тапани, Филип Поповски бас-гитара. Гостин на песната „Ти“, Александар Ников – клавијатури.
На концертната промоција ќе бидат отсвирени речиси сите песни и од претходниот албум „Луѓе“, но и од минатите изданија. За љубителите на носачи на звук, на самиот концерт ќе може да се набави и ЦД од новиот албум по промотивна цена од само 200 денари за еден така софистициран сувенир.
Билетите се во претпродажба само на касата на МКЦ по цена од 150 денари, а на денот на концертот по 200 денари.