Со буџетска поддршка, Владата го помага одржувањето во живот, но и подемот на многу медиуми на национално и на регионално ниво, создавајќи нелојална конкуренција и нарушувајќи го економскиот баланс на медиумскиот пазар, констатира најновиот извештај на Македонскиот институт за медиуми.
На тој начин, се создава поширока мрежа на поддржувачки медиуми со кои се колонизира медиумската сфера од страна на политичките групи заради ширење политичка пропаганда, се вели во извештајот за финансиските односи помеѓу медиумите и државата.
„Финансиската „поддршка“ на медиумите со буџетски средства им е добро познат модел на сите власти во Македонија во изминативе години. Резултатите од неговата експлицитна злоупотреба се особено видливи на медиумскиот пазар во последниве години.
Многу медиуми, а особено националните телевизии, беа корисници на средствата кои доаѓаа од државното рекламирање. Распределувањето на овие средства не може да се објасни со ниту една економска логика, освен со онаа дека тие претставуваат финансиска инфузија за подобните медиуми. Дополнително државата ги субвенционира петте национални комерцијални телевизии, во износ од максимум 50 отсто од вкупните трошоци за производство на филмска и документарна програма. Во 2014 година, по овој основ на националните телевизии им биле доделени субвенции во износ од околу 530.000 евра.
Моделот на финансирање на јавниот сервис, пак, што беше изграден изминативе две децении под силно влијание на владејачките гарнитури, придонесе кон рушење на институционалната автономија и директна финансиска зависност од државниот Буџет. МРТ наместо да функционира во интерес на граѓаните, прерасна во медиум на системот на власт, кој често државните интереси ги сместуваше пред јавните“, се вели во истражувањето кое е спроведено од МИМ во рамки на проектот „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа“.