Околу 6.140 .mk домени биле регистрирани во 2024 година, покажуваат податоците кои Радио МОФ ги доби преку барање за информации од јавен карактер од Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет). Ова претставува намалување од околу 400 регистрирани домени или околу 6.3% во споредба со 2023 година.
Помеѓу регистрираните домени, најголем број се само со .mk, по што следуваат 715 .com.mk регистрирани домени, 73 .org.mk домени, 39 .edu.mk домени, 19 .net.mk домени, 12 .gov.mk домени и еден .inf.mk домен.
Што сѐ се регистрирало?
Минатата година во споредба со 2023 година, значително опаднал трендот, односно бројот на регистрирани домени со предзнак на вештачка интелигенција. Во овој дел, на пример можат да се најдат новорегистрирани домени како ai-tech, aiinvest.mk, aiphone.com.mk, ai.mk, aiportal.mk.
Нашата проверка на листата на регистрирани домени покажува дека 586 или околу 9.5% од регистрираните домени ги имаат како главни клучните зборови „shop“, „group“, „rent“, „skopje“, „studio“, „tech“, „sport“, „macedonia“, „moj“, „digital“, „invest“, „design“, „ohrid“, „moto“, „pet“, „web“, „hotel“, „solutions“, „online“ и „energy“.
Лани биле регистрирани и 147 нумерички домени, без никакви дополнителни знаци или букви. Во 2024 година не се регистрирани кирилични домени.
Дуплиран бројот на регистрирани владини домени
Податоците покажуваат дека минатата година биле регистрирани 12 владини домени. Бројот на владини .gov.mk домени е практично дуплиран, што најмногу се должи на реорганизацијата на Министерствата што се случи лани.
Доменот azgj.gov.mk пренасочува кон apj.gov.mk – веб-страницата на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија
Пристапот до веб-страницата со владин домен lia.gov.mk беше оневозможен од нашиот антивирусен софтвер, а алатката на МАРНет покажува дека доменот го регистрирале исто така од Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија
energy.gov.mk води кон веб-страницата на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Но, кога ќе се пристапи на веб-страницата, нема достапна содржина и само стои порака во која се советува сопственикот на веб-страницата да го контактира хостинг провајдерот за решавање на проблемот, кој може да се однесува на неколку технички работи.
Веб-страницата со домен mafwe.gov.mk не е достапна, а позади нејзината регистрација стои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. mdt.gov.mk е доменот на реорганизираното Министерство за дигитална трансформација кое произлезе од Министерството за информатичко општество и администрација. На веб-страницата одбројува часовник до кога таа ќе биде во изработка.

Принтскрин од веб-страницата mdt.gov.mk
Министерството за европски прашања, кое произлезе од Секретаријатот за европски прашања сега има нов домен – mep.gov.mk. Веб-страницата misr.gov.mk е за Кабинетот на министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Роми 2022-2030.
На mja.gov.mk ќе ве пречека пораката „Страната е во изработка“, а доменот е на Министерството за јавна администрација. Веб-страницата на трансформираното Министерство за односи меѓу заедниците сега може да се најде на moz.gov.mk.
И Министерството за спорт има свој домен и веб-страница до која може да се пристапи на ms.gov.mk. Но, веб-страницата по се изгледа е сè уште во изработка, бидејќи информации единствено можат да се најдат во делот „Анти допинг“, а се друго е празно.
Меѓу листата на регистрирани владини домени лани се наоѓа и nportal.gov.mk чија регистрација е на Министерството за информатичко општество и администрација. Но, до веб-страницата не може да се пристапи.

До веб-страницата nportal.gov.mk не може да се пристапи
Нов домен има и Општина Кисела Вода, до чиј веб-сајт може да се пристапи преку opstinakiselavoda.gov.mk, наместо стариот домен kiselavoda.gov.mk, до кој според интернет архивата „WayBack Machine“ може да се види како последно изгледала на 19 јуни, каде на почетната страница пишува дека е пуштена во употребата новата веб-страница.
Од оваа година со различни „правила на игра“
Пред крајот на 2024 година, со промена на Правилникот за организацијата и управувањето со врвните национални интернет домени на МАРНет се оневозможи физички лица од странство да регистрираат .mk домен. Регистрација на домен се ограничи само на физичките и правните лица само со живеалиште или престојувалиште во Македонија. Во меѓувреме пак, за регистрација на .mk домен, странските правни лица треба да бидат идентификувани преку регистар од својата држава.
Друга новина беше и тоа што новите .mk домени сега мора да се состојат од најмалку два знаци, а единствен исклучок е во случај на заштитена трговска марка, заштитен жиг, име или бренд. Промената во Правилникот дојде по 10 години, односно откако тој е донесен во 2014 година.
Физички лица од странство повеќе нема да можат да регистрираат .mk домени
Во 2023 година пак, македонскиот интернет простор се зголемил за околу 6.500 .mk домени. Тогаш, податоците кои ги доби Радио МОФ, покажаа дека таа година биле регистрирани 6.559 .mk домени (.mk, .com.mk, .net.mk, .inf.mk, .gov.mk, .edu.mk, .org.mk). Меѓу нив, тогаш преовладуваа домени поврзани со вештачката интелигенција. Дополнително, нашата проверка тогаш покажа дека околу 58% од нив се активни.
Македонскиот интернет простор се збогатил за околу 6.500 .mk домени во 2023
Мартин Колоски