Решенијата за изолација на лицата позитивни на Ковид-19 или контакти на позитивни лица ќе се објавуваат на веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) и Службен весник. Податоците кои ќе се објавуваат пак, ќе бидат во минимален обем тврди директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова Бухова.
„Бидејќи на дневна основа вакви решенија има повеќе стотици, одлучивме да ги исползуваме одредбите од истиот ЗОУП кои дозволуваат скратена и поефикасна постапка на достава на вакви решенија со што и граѓаните ќе бидат навремено информирани, а и ќе се заштедат време и огромни ресурси“, додаде Бухова.
Во изјава за Радио МОФ, таа посочува дека податоците ќе бидат објавени само за постигнување на целта за кои е донесено решението и дека постапката ќе биде во целост усогласена со Законот за лични податоци. Но, до објавувањето на текстот не добивме одговор што значат „лични податоци во минимален обем“.
Од Владата кои вчера ја донесоа оваа одлука се исто така децидни дека нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно ќе ги запазат стандардите од Законот за заштита на личните податоци.
Според нив, измената се воведува за брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување, поради зголемениот број граѓани за кои се определува изолација и намалениот број денови за изолација.
„Со новата методологија се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на КОВИД-19. За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните“, велат од Влада.
Дополнително, оттаму велат дека потврда за објавено решение за самоизолација може да биде издадена и за потребите на Основното јавно обвинителство или друг јавен орган со надлежност за увид во решенијата за изолација.
Мартин Колоски