Минимална плата од 450 евра и враќање на надоместокот за храна и превоз од 2009 година се барањата на синдикалците и работниците кои денеска излегоа на Првомајскиот протест, по повод Меѓународниот ден на трудот.
„Нашите барања во првите 100 дена од новата влада, поради тоа што ние веќе немаме време за чекање и поради тоа што сѐ повеќе наши колешки и колеги заминуваат од државата, се да се зголемат платите, особено минималната плата на најмалку 450 евра. Правото на превоз треба да биде подеднакво важно за работниците во Македонија како што е важно за функционерите. Затоа што нашата плата веќе не може да ни дозволи ниту да доаѓаме на нашите работни места. И на крај, имаме право на трошоци за храна кои се неопходни особено поради тоа што синдикалната кошничка која ја пресметува ССМ покажува дека на едно четиричлено семејно домаќинство само за леб и за вода му се потребни 22.200 денари или онолку колку што е висината на минималната плата“, порача Зоран Трендафилов, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во обраќањето пред Влада.
Протестот кој годинава се одржа под мотото „Ние, работниците“, започна во 11 часот пред зградата на Работничкиот дом, продолжи пред Собранието и зградата на Стопанска комора, а заврши пред Влада.
„Денес како никогаш досега штрајкуваме за неисплатени плати во водостопанство и македонски шуми, не се задоволни здравствените работници поради непотпишаниот анекс на колективниот договор за усогласување на нивните плати, вработените во полицијата кои денеска нѐ чуваат не добија никакво зголемување на платите од почетокот на оваа година, а истото се случи и со колешките и колегите во образование и многу други во приватниот сектор каде што не сме синдикално организирани“, рече Трендафилов.
Работниците му дадоа црвен картон на судот затоа што направил обид да изврши притисок врз синдикатите.
„Стави функционерска чизма на вратот на работниците за да ќутат, да бидат понизни, за да ги слушаат. Тоа што го направија денеска го гледаме на дело. Ние синдикатите, ние работниците, ние граѓаните, ние пензионерите сме сите тука денеска, да им покажеме дека колку повеќе нѐ напаѓаат, толку повеќе посилни нѐ прават и колку повеќе се обидуваат да ги уништат синдикатите, толку сме посложни“, порача Трендафилов.
Првомајскиот протест годинава го организираше ССМ со Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ).
Ангела Бошкоска