Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец декември 2024 година изнесува 62.861 денари, информира Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за ноември која изнесува 62.021 денари е зголемена за 840 денари. Истовремено, кошницата со изнајмен стан од 60 м2 за декември изнесува 78.236 денари.
„Забележително е дека од месец септември кога беше воведена првата мерка од страна на Владата за ограничувањето на маржите и со последната мерка односно акција за намалување на цените за најмалку 10%, истите даваат резултат“, велат од ССМ.
Делот на храната и пијалоци за декември изнесува 23.075 денари спореден со септрември 2024 година (23.034 денари) е зголемен за 41 денар.
„Загрижува тоа што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемија цените, а дополнително и вредноста на синдикалната минимална кошница за храна и пијалоци за 63 основни производи кои се дел од истата за декември изнесува 23.075 денари е зголемен за дополнителни 397 денари, наместо да биде намален за најмалку 10%“, велат од Сојузот.
Трошоците за образование се 6.984 денари, по што следуваат трошоците за станарина, вода, електрична енергија и греење која изнесува 6.020 денари.
За облека и обувки, според новата структура на минималната кошничка се одвоени 5.728 денари, а по ова следуваат и трошоците за транспорт од 4.727 денари и 4.458 денари за рекреација и култура.
По ова, следуваат и трошоците за ресторани и хотели – 4.131 денари, комуникации – 3.417 денари, лична хигиена и оддржување хигиена во домот –2.087 денари, здравје – 1.135 денари и 1.100 денари за останати услуги и стоки.
Сојузот на синдикатите на Македонија бара мерките да траат подолго, за, како што велат, Владата значително да придонесе за зачувување на животниот стандард на граѓаните, а следната мерка да биде без за истата да бидат информирани трговците и стопанствениците за да не направат повторно злоупотреби на грбот на граѓаните и работниците.