Израелската министерка упатила критики поради бесмислениот третман, откако чекала два часа пред да се врати во хотелот, наместо да присуствува на КОП26 Конференција, пренесува „Гардијан“.
Израелската министерка објаснила дека најпрво не ѝ бил дозволен влез на Конференцијата за климатски промени КОП26, бидејќи како корисничка на инвалидска количка не можела да припари до локацијата во Глазгов, по што ја искритикувала ваквата неинклузивна практика како „бесмислена“.
Карин Елхарар, која е министерка за енергетски и водни ресурси, има мускуларна дистрофија. Поради тоа, таа чекала два часа пред локацијата каде се одржува Конференцијата, бидејќи организаторите не сакале да ја пуштат на конференцијата со инвалидска количка.
Од нејзината канцеларија соопштиле дека на министерката ѝ бил понуден транспорт до локацијата на конференцијата, но транспортот не собирал инвалидска количка, па таа требало да се врати во нејзиниот хотел.
„Јас дојдов на КОП26 за да се сретнам со колегите од целиот свет, каде што треба да разговараме за заедничката борба против климатската криза. Многу е жално што ОН, организација која промовира инклузивност на лица со инвалидитет, не се потрудила овие лица да имаат пристап до своите организирани настани“, објавила Елхарар на „Твитер“.
Портпарол од делегацијата на израелскиот премиер, изјавил дека Израел упатил формална поплака до организаторите.
Од Британскиот секретаријат за заштита на животната средина изјавиле дека длабоко жалат поради инцидентот. Оттаму додале дека се случило недоразбирање, па организаторите не знаеле за состојбата на Елхарар и однапред не ги договориле потребните протоколи за транспорт и влез.
„Запознаен сум дека скоро сите влезови на локацијата се обезбедени со инвалидска патека, но министерката се обидела да влезе преку влез кој не е инклузивен“, изјавиле од Секретаријатот додавајќи дека ваквиот пропуст требало однапред да биде решен.
Британскиот амбасадор во Израел, Нил Виган, исто така објавил „длабоко и искрено“ извинување до министерката, изјавувајќи дека КОП26 конференцијата е добредојдена и инклузивна за сите.
„Длабоко сум разочаран и фрустриран од неприсуството на израелската министерка на КОП26 конференцијата. Локацијата е дизајнирана да биде пристапна за сите. Веќе разговарав со министерката и очекувам д се сретнам со неа во текот на утрешниот ден“, објавил британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли.
„Ми рекоа дека единствен начин да присуствувам на конференцијата е да пешачам скоро еден километер, или да се качам на возилото кое не беше направено да собере инвалидска количка.
Елхарар во својата изјава за „Ynetnews.com“, изјавила дека организаторите ги блокирале сите патишта до локацијата на конференцијата без да ја пуштат да помине и покрај сите обиди на израелската делегација да го убеди обезбедувањето да ја пушти министерката.
„Беше невозможно да се стигне со кола, а не можев да ја поминам таа далечина самостојно. Сево ова е бесмислено и не требаше да се случи. Јас дојдов поради специфични причини кои не можев да ги остварам денес, но се надевам дека ќе има други прилики. ОН ги повикува сите да дејствуваат според интернационалните конвенции и да ги направат сите локации инклузивни и пристапни, па се надевам дека денешната лекција ќе биде научена и утре ќе можам да се фокусирам кон промовирање на зелени енергии“, изјавила министерката.