Министерот Панче Кралев недостапен за прашањата кои ги засегаат младите

Министерот Панче Кралев недостапен за прашањата кои ги засегаат младитеНема шанси да се случи интервјуто, не се надевајте“. Вака гласи одговорот на лицата задолжени за односи со јавност во Министерството за образование и наука, откако Радио МОФ побара интервју со министерот Панче Кралев за актуелните прашања кои ги засегаат младите во Македонија.

Иако пред повеќе од две недели ги доставивме прашањата до Министерството за образование, засега главниот човек во овој ресор е недостапен да разговара со Радио МОФ за актуелните проблеми во образованието. Во прилог следат прашањата кои ги упативме до министерот Кралев, при што упатуваме уште една јавна покана до министерот за аудио интервју на однапред познатите прашања.

–          Македонија подолго време има проблем со понудата од високообразовен кадар која не е во согласност со потребите на пазарот на труд. Универзитетите го зголемија бројот на слободни места на факултетите и се отворија повеќе места за техничките науки. Но дали ова е доволно? Кои дополнителни мерки треба да бидат превземени за да се намали јазот помеѓу понудата и побарувачката на образовни кадри?

–          Најавивте ревидирање на слабостите на Болоњскиот систем. Каде имате детектирано проблеми во неговото функционирање и на кој начин е предвидено тие да се надминат?

–          Младите иако не сакаат прифаќаат работа на црно, покажа анкетата која ја правеше вашето министерство заедно со министерството за труд и социјална политика. Каква иднина имаат младите во Македонија, кога голем дел од нив се принудени да работат без здравствено и пензиско осигурување, годишен одмор или редовна плата?

–          Студентите побараа воведување на бесплатно високо образование за сите студенти. Според нив, бесплатното образование е можно, доколку се направи попрактична распределба на средствата од буџетот, и наместо во непродуктивни проекти, државата да вложи во бесплатното образование. Каков е вашиот став по ова прашање?

–          Кои се главните проблеми со кои се соочува образованието и дали буџетот кој го има министерството за образование е доволен за да се справи со нив? Дали некои проекти стагнираат заради намалувањето на буџетот?

–          Иако се потрошија милиони евра за издавање на „бесплатните“ учебници, многубројните грешки во нив се постојано актуелни во јавноста. Министерството за образование најави спектакуларна ревизија на сите учебници, но резултатите од неа никогаш не беа објавени. Што се случи со ревизијата и што преземате за учениците да добијат квалитетни учебници?

–          Радио МОФ објави дека дури 94 тешки кражби на компјутери и компјутерска опрема од училиштата се случиле само во 2011 и 2012 година. Што се случува со проектот „Компјутер за секое дете“ и дали 60-те милиони евра, колку тој што ги чинеше граѓаните, отидоа во корист на учениците?

–          Граѓанскиот сектор укажува на потребата од воведување на предметот „Сексуално образование“ во основното образование. Кој е вашиот став по ова прашање и дали сметате дека младите имаат пристап до сеопфатни информации за сексуалното и репродуктивното здравје во училиштата?

–          Неодамна, повторно беа направени измени во законот за високо образование. Дел од професорите ве обвинија за мешање во автономијата на универзитетите, заради тоа што измените за кои велат дека му даваат огромна моќ на министерот за образование, беа донесени без претходна дебата со пошироката академска јавност. Дали ги прашавте професорите за мислење?

–          Се запали дел од студентскиот дом „Гоце Делчев“, добар дел од останатите студентски домови се исто така во лоша состојба, со покриви кои протекуваат и несоодветни санитарни услови. Кога студентите ќе добијат домови за пристоен студентски живот?

 

Редакција на Радио МОФ