Министерството за образование и учениците стојат на две крајно спротивставени страни. Екстерното оценување поминува одлично за првите, додека вторите велат дека се соочуваат со еден куп проблеми.
Министерот за образование и наука, Панче Кралев изјави дека екстерното тестирање се спроведува непречено во сите училишта низ земјава и се појавиле само помали технички проблеми.
„Ситуацијата во училиштата низ Македонија е иста, секаде се одвива непречено екстерното тестирање. Се појавуваат поситни технички проблеми, како што и беше очекувано, каде директорите или администраторите во тие училишта, се јавуваат директно во кол-центарот. Има 30 луѓе кои се на располагање 24 часа да одговараат на сите прашања поврзани со било какви технички проблеми“, рече Кралев и додаде дека ова е еден од најзначајните реформски проекти кои се спроведени и еден од проектите кои во иднина се очекува да дадат јасни мерливи индикатори, кои ќе влијаат директно на подобрување на образованието.
Izjava na ministerot za obrazovanie i nauka, Pance Kralev by Radio Mof on Mixcloud
Учениците, пак, имаат сосема спротивен став – велат дека екстерното оценување се спроведува со многу неправилности, паднати електронски системи и недоволно компјутери на располагање.
„Беше најавено дека ние ги правиме овие тестови за да се види како професорите не оценуваат, кажаа дека сите професори ќе бидат опфатени а не се опфатени сите професори што предаваат. Според она за кое јас сакам да се определам понатаму во моето образование, треба да ме тестираат за вовед во право, за економија, а мене ме тестираат за историја и за македонски…Не се опфатени тие предмети кои ние сме ги избрале и кои ни требаат за да студираме понатаму и да живееме со нашата професија“, вели Мила, ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“ за Радио МОФ и додава дека во нејзиното училиште само пет училници се опремени со компјутери.
Паднат компјутерски систем за време на екстерното тестирање, како и доцнење со тестовите има во повеќе училишта. Проблеми се појавиле во гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Никола Карев“, но и во ОУ „Љубен Лапе“ и „Лазо Трповски“, како и во училиштата од другите градови во земјата, пренесуваат медиумите.
Дел од учениците се пожалија и на притисоци од надлежните поради најавите за бојкот и протести на екстерното тестирање.
Министерот истакна дека денеска од аспект на бројност на популација е најобемен ден со најмасовно тестирање, бидејќи се тестира предметот математика, а од утре се менуваат предметите и бројноста на учениците кои ќе бидат опфатени ќе биде значајно намалена. Предвидено е во следните денови процесот да опфати 200.000 ученици и над 15.000 наставници и се очекува да заврши до 10 јуни.
К.О.