И покрај штрајкот на вработените во Државниот испитен центар, државната матура ќе се полага на 27 мај, како што е предвидено според роковите потенцира денес министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
„Од почетокот на штрајкот мојот став е дека не можеме секогаш да ги поврзуваме важните процеси со некои барања. Јас ги поддржувам барањата, но мојот конечен став е дека државната матура ќе се реализира на 27-ми мај, како што е предвидено според рокот. Не само дека тоа е барање на министерот, но исто така е барање и од средношколците. Денеска во комуникација со Државниот испитен центар, според информациите кои ги добивам како министер, се прават сите подготовки за да се полага државна матура на тој датум. Ако е потребно и кадар од вработените во Министерството, од понеделник ќе доставиме, за да можеме да ги завршиме работните задачи“, рече Шаќири.
Со реакција по ова прашање денес излегоа и од Сојузот на средношколци, од каде велат дека одржувањето на државната матура е законска обврска и дека државата е должна да ја спроведе во законски предвидениот рок.
„Правото на штрајк е секако уставно загарантирано, но правото на образование исто е дел од Уставот. Законот за средното образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година за должност на институциите“, велат од Сојузот.
Во нивното соопштение до јавноста, тие потсетуваат дека ако не се одржи државната матура, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование.
„Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според нашите анализи овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација. Токму затоа ја потсетуваме јавноста на нашиот ангажман во месец март за соодветно адаптирање на државната матура во интерес на сите средношколци и го повторуваме нашиот апел возрасните да не ја доведуваат иднината на овие матуранти под прашање“, велат од Сојузот на средношколци, кои апелираат на разумност и сериозност и ги повикаа надлежните државната матура да ја одржат во веќе одредените рокови.
Од Државниот испитен центар вчера најавија дека продолжуваат со штрајкот откако нивната средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи немала позитивен исход во поглед на нивните барања. Тие повторно напоменаа дека поради штрајкот во мирување ќе бидат сите процеси кои се во надлежност на Центарот. Штрајкот на вработените започна пред нешто повеќе од две недели, а нивното главно барање е покачување на платите на вработените во институцијата.