Министерот Тошковски се сретна со семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“

Во Министерството за внатрешни работи денеска се одржа средба меѓу министерот Панче Тошковски и семејствата настраданите во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година кога загинаа 62 лица, пренесува новинската агенција Мета.

Министерот на средбата вети дека ќе има правда за случајот и се извини што во моментот не може да ги сподели сите детали од истрагата.

„Не можам да ги соопштам сите детали, но за месец и пол ќе можам, ветувам. Правда за овој случај мора да има. Ако сакаме да имаме нормална држава, овие деца не треба никогаш да бидат заборавени,“ рече Тошковски.

Тој истакна дека го разбира гневот и недовербата на граѓаните, додавајќи дека на случајот работат 11 обвинители и дека досега се идентификувани 70 осомничени.

„Ве разбирам дека имате огромен гнев, и немате доверба, и јас немам доверба, верувајте ми и јас сум гневен, и јас сум немал доверба, и мојата душа плаче, и моите деца плачат“, рече Тошковски. Тој ги уверуваше членовите на семејствата дека истрагата нема никого да поштеди за кој што има докази.

„И да ми верувате на зборот, истрагата не е завршена, колку и ова да звучи несвојствено, разликата за она што го правеле до сега е огромна, сега 11 обвинители деноноќно работат на предметот. Неспоредливо е она што се случувало претходно со она што се случува сега“, кажа Тошковски.

Новинарите беа пуштени на средбата по барање на родителите на починатите, но по дваесет минути беа замолени да ја напуштат просторијата за министерот да продолжи со приватен разговор со семејствата.

Во исто време, во Собранието се одвива расправа по предлогот на пратеничката група на партијата Левица за интерпелација на министерот Панче Тошковски.