Министерот за здравство Венко Филипче штотуку соопшти дека од морални причини му понудил пишана оставка од функцијата на премиерот Зоран Заев, два дена по пожарот во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица.
„Никогаш не бегав од критика, никогаш не останав должен на одговор, никогаш не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки кои ги донесовме беа со една единствена цел, а тоа е да се заштити здравјето на граѓаните. Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите, сочуствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа можат да го опишат, ниту пак начин да се надомести загубата“, рече Филипче.
Филипче на вчерашната прес-конференција нагласи дека одлуката дали ќе даде оставка ќе ја донесе по завршувањето на истрагата за пожарот. Истовремено истакна дека во овој период има потреба од менаџирање на кризата.
Оставка денеска дадоа и заменик-министерот за здравство Илир Хасани, директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.
Филипче на функцијата министер за здравство стапи на 25 декември 2017 година. Тој претходно беше советник за здравство во кабинетот на премиерот Зоран Заев.