Министерство за култура: Ќе се менува постоечкиот закон за култура во делот кај се регулира финансирањето

„Договорено е до донесување на новиот закон за финансирање на јавниот интерес во културата, веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постоечкиот закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата. Во работната група за промена на законот ќе се вклучи и член од иницијативата“, велат од Министерството за култура по вчерашната средба со преставници од здруженија од културата.

Според министерството, на средбата на министерот Асаф Адеми и преставници на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ биле донесени заклучоци за натамошна соработка.

Исто така, велат од таму, Адеми „во целост се согласува со укажувањата на културната јавност за недостатоци во начинот на финансирање и оценување на Годишните конкурси, и ја поддржува иницијативата за интервенција во постоечкиот закон, во меѓупериодот до донесување на новиот закон во културата“.

„Иницијативата ‘Културата е насловна страница на секое општество’ ќе организира јавни дебати на кои активно учество ќе земе Министерството за култура, а на кои ќе се разговара и ќе се утврди модел за распределбата на буџетот во културата, по дејности. На јавните дебати ќе се разгледуваат и ќе се востановат критериуми за учество и оценување по Годишните конкурси за проекти од национален интерес во Сектор за следење, развој и логистичка поддршка Одделение за логистичка поддршка културата. Договорено е да се утврдат строги критериуми кои би биле специфични по дејности“, соопштува министерството.

Исто така, велат дека Адеми и претставниците на иницијативата се договориле на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности.

„Министерот Адеми ги информираше менаџерите во културата дека комисиите по дејности ги преиспитуваат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Министерот Адеми на средбата потенцираше дека комисиите работат во согласност со Законот за културата, но дека има формални можности, со упатување жалба или поради реакции во јавноста, покрај одбиените проекти за кои комисиите утврдиле дека се од национален интерес, да се преиспитаат и одобрени проекти за кои постои сомнеж за нерегуларност во оценувањето“, се вели во соопштението на министерството.

Инаку, поттикнати од состојбите во културата, културните работници претходно на прес-конференција потенцираа дека не сакаат случајна распределба на средства, туку вреднување на трудот. Пет генерални барања ги доставија до Собранието, премиерот и неговиот советник за култура, министерот за култура и националниот координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка.

Од надлежните побараа средба, транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности. Потоа, воспоставување на нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување, зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми, но и финализација и ставање во функција на новиот Закон за јавен интерес во културата.