Министерство за култура контра Агенција за филм: Незаконски го користите нашето лого, не можеме да запреме истрага на Антикорупциска

Агенцијата за филм преку нивната ПР агенција „Навигаторс“ испрати соопштение до медиумите со кое тврди дека инспекцискиот надзор на Министерството на култура констатирал неоснованост за конфликт на интереси кон нив. Но, од Министерство за култура остро реагираат дека во соопштението незаконски се користи нивното лого и е испратено без нивна согланост. Истовремено, потврдуваат дека не се орган кој наложува запирање на истрага на Антикорупциската комисија, која покрена неколку предмети за работата на Агенцијата.

„Со цел објективно информирање на јавноста, потенцираме дека во наведеното соопштение Агенцијата за филм незаконски го користи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор. Воедно со соопштението  јавноста е донесена во заблуда бидејќи иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура. Министерството за култура, односно Секторот за управен и инспекциски надзор не е орган кој наложува запирање на истрага која е предмет на работата на друг надлежен орган – Државната комисија за спречување на корупцијата. Информираме дека Секторот за управен и инспекциски надзор, Записникот од извршен вонреден инспекциски надзор со наод на утврдената фактичка состојба во Агенцијата за филм го достави до Државната комисија за спречување на корупцијата на натамошно постапување согласно нивните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, велат од Министерство за култура.

Агенцијата за филм вчера преку непотпишано соопштение, со меморандум на кој стои логото на Агенцијата од едната, и Министерството за култура – Сектор од управен и инспекциски надзор на другата, објави и дека Државниот Управен инспекторат ќе даде предлог Антикорупциска да ја стопира истрагата. Откако Министерството реагираше дека е незаконско, го сменија соопштението, па денес го испратија истото, само без логото на Култура.

Од Агенцијата тврдат дека „користењето логото на Министерството за култура не е тенденциозно, туку напротив со намера за објективно информирање, со оглед на тоа што документот што се цитира е од оваа институција, истиот документ е издаден на меморандум и со лого на Министерството за култура“.

Принтскрин од првичното соопштение кое на 27 јули Агенцијата преку „Навигаторс“ го испрати до медиумите

Агенцијата за филм во соопштението се заканува со тужби и ги дискредитира независните истражувачки медиуми РАДИОМОФ.МК, САКАМДАКАЖАМ.МК И МКД.МК за наводно нарушување на угледот на Агенцијата поради истражувачките текстови со кои се укажа на неправилностите во работата на оваа државна институција, а кои се и предмет на истрага на ДКСК. Агенцијата во соопштението споменува и две лица – финансиски советник и член на Филмскиот совет, како и рецензент и член на Филмскиот совет, кои Радио МОФ воопшто не споменуваше во текстовите.

Антикорупциска на прес-конференција на 23 јули, по својата 36 седница, потврди дека е покрената иницијатива за утврдување одговорност на в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Причина за оваа иницијатива, како што рече Владимир Георгиев од Антикорупциска, е непостапувањето, односно прекршување на процедурите за исплата на филмските проекти согласно Законот за филмска дејност. Тоа е првиот од трите предмети против Тозија.

В.д. директорот ургентната исплата на 27 проекти во март ја окарактеризира како помош за независните филмски работници и продуцентски куќи, по што се појавија реакции од филмаџии и случајот влезе во јавниот фокус.

„Овој предмет е отворен врз основа на наводи во медиумите, но и на бројни претставки пристигнати до ДКСК, како и на низа известувања и укажувања од самото Министерство за култура“, рече Георгиев.

Дел од овие известувања се однесувале и за неизборот на филмски проекти, согласно првиот круг на годишниот Конкурс, кој наместо април се пролонгираше до јули. Резултатите беа објавени претходната недела.

Иницијативата на ДКСК, како што рекоа од таму, била поткрепена и со наводите дека во Филмскиот совет на Агенцијата постојат ситуации на судир на интереси.

„Директорот на Агенцијата има надлежност да именува членови на Советот, а во исто време има надлежност да именува филмски рецезенти. Меѓу тие 5 членови на Советот, двајца имаат двојно именување, т. е два члена кои ги ги оценуваат проектите и даваат мислење на самите себе. Му кажавме на директорот дека тоа е недозволиво и дека е судир на интерес и неспоивост, чекавме долго за одговор и на 17 јули не’ извести дека ги разрешил двајцата членови. Со оглед на тоа дека долго време чекавме, сепак одлучивме, за што ни дозволува Законот, да поднесеме прекршочен платен налог до директорот поради доцнење на одговорот“, рече Георгиев на прес-конференцијата.

Надзорот на Инспекторатот се вршел од 22 до 24 јули, односно откако Антикорупциска укажале на судир на интереси и во меѓувреме биле именувани новите членови на Филмскиот совет.

Антикорупционерот нагласи дека законот дава можност на Владата да го именува и разрешува директорот чиј мандат трае до 4 август. Оттука, на Владата и дадоа рок од 60 да им одговорат од иницијативата.

Од Владата, пак, денес до Радио МОФ само кратко одговорија дека до нив не е пристигнато барања од ДКСК по прашањето.

„Доколку пристигне и се разгледа на некоја од седниците на Влада, јавноста навремено ќе биде известена“, велат до Влада.

Инаку, „Транспаренси Интернешнел Македонија“ на почетокот на јули објави дека поднела кривична пријава до Обвинителството за незаконски исплати од Агенција за филм. Пријавата на организацијата што се занимава со превенција и борба против корупција е базирана и врз истражувачката сторија на Радио МОФ и извештајот на СДК.

Тозија потоа демантираше дека интервенирал во договори и вршел исплати на средства надвор од договорите. Исто така, дека никогаш не одобрил исплаќање на средства без банкарски гаранции.

Претходно, на прес-конференцијата на 24 јуни тврдеше дека доколку има „виша сила“, а проектите се во финална фаза, нема потреба од банкарска гаранција.

Бојан Шашевски