Медиумите ќе имаат пристап до првостепените неправосилни пресуди на веб страниците на судовите, најави денеска Министерство за правда (МП), откако претходно ја разгледале Иницијативата за измена на членот 9 од Законот за управување со движење на предметите што ја поднесе Судско-медиумскиот совет.
„На денешната средба на министерот за правда Кренар Лога со претставниците на Судско-медиумскиот совет, Васко Маглешов, Емилија Шопар и Саније Дураку, договорено е измените да бидат вметнати во Стратегијата за развој на правосудниот систем 2023-2027. Со измените на законот ќе се овозможи јавно да се објавуваат првостепените неправосилни пресуди на веб страницата на судот со посебна мерка: Пристап на јавноста до првостепените неправосилни пресуди со измени на Законот за управување со движење на предметите во судовите“, велат од МП.
Дел од прашањата за кои се дискутирало, од ресорното министерство посочија дека биле и потребата од транспарентност и отвореност на повисоките судови за јавноста, како и наоѓање соодветно софтверско решение за подобрување на судскиот систем.
Министерството за правда, како што велат, во целост ги поддржува заложбите и активностите кои ќе придонесат кон зголемување на независноста, самостојноста, транспарентноста и интегритетот на правосудниот систем.