Софистицирана опрема за тестирање и верификација на броилата, која поради неажурност во претходните години останала неискористена, треба да биде ставена во функција и на располагање на граѓаните, бара Министерството за енергетика.
„Станува збор за машина – Трофазен систем за мерење на електрична енергија и моќност, која повеќе од 7 години седи неупотребена во подрумските простории на Бирото за метрологија. Со ставањето во употреба на оваа опрема, крајна цел е, освен верификација на мерилата, и да се испитува исправноста на мерилата по жалба на потрошувач“, велат од министерството, барајќи таа да биде спроведувана и заради честите поплаки и барања од граѓаните.
Минатата недела, Министерката Сања Божиновска при посетата на Бирото за метрологија изврши обиколка на опремата со цел да се утврди нејзината состојба.
„Веднаш беа дадени насоки да се започне со сите потребни активности за нејзино итно активирање. По што доби уверување од раководството на Бирото дека веднаш ќе се распише потребниот тендер за проверка на функционалноста, инсталација и пуштање во употреба на опремата, како и обука на вработените, по што ќе може да започне со проверки на броилата“, велат од министерството.
Со оваа мерка, тврдат тие, граѓаните ќе добијат можност за независна проверка на исправноста на своите броила, директно во државна институција.
„Ова ќе овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да се провери со прецизни и официјални мерења, при што граѓаните ќе добијат јасен и недвосмислен одговор за состојбата на нивниот инструмент“, посочува министерството.
Истовремено, дополнуваат од таму, ова ќе претставува дополнителен механизам на контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што би се обезбедила поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и би се намалиле можностите за неправилности.
„Министерството останува посветено на заштитата на правата на граѓаните и воведување механизми кои ќе обезбедат фер и точен систем на мерење“, се вели во соопштението.