Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчера на прес-конференција информираше дека е објавен новиот Конкурс за финансирање проекти за развој на креативните индустрии.
Тој рече дека Конкурсот е еден од чекорите за обезбедување стабилен и одржлив развој на креативните индустрии, а средствата, како што посочи, ќе бидат насочени за проекти за создавање или подобрување на културни активности кои се значајни за заедницата и збогатување на локалната културна сцена преку иновативни и креативни решенија.
„Со Конкурсот што денеска го објавивме, ќе обезбедиме финансиска поддршка за проекти кои ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови. Тоа ќе поттикне нови вработувања, зголемување на конкурентноста на нашите креативни индустрии на глобалниот пазар и развивање на културниот туризам“, рече министерот Љутков на прес-конференцијата која се одржа вчера.
Тој рече дека во периодот од 2013 до 2017 година, Министерството за култура објавило пет годишни конкурси за финансирање проекти од областа на креативните индустрии, при што финансиски биле поддржани околу 270 проекти.
„За жал, од 2018 година, претходната Влада и Министерството за култура целосно ги маргинализираа активностите за промоција и поддршка на креативните индустрии, кои како еден од најдинамичните и брзорастечки сектори во глобалната економија имаат голем потенцијал да влијаат врз економскиот раст, социјалната инклузивност и развојот на културната разноликост“, рече Љутков.
Од тие причини, тој додаде дека негова заложба е да продолжат да вложуваат во поддршката на иновациите, креативноста и уметничките изрази, како и да создаваат платформи за нови генерации уметници, дизајнери, продуценти и за сите други креативни професионалци.
Тој ги повика креативците и организациите да се пријават и да ја искористат можноста за реализација на своите идеи и проекти.
„Нашето општество има огромен потенцијал и заедно можеме да придонесеме за подобрување на културниот, економскиот и туристичкиот напредок што ни е потребен. Министерството за култура и туризам ќе продолжи да работи на поддршка на проекти што ја афирмираат културата и создаваат нови вредности во општеството“, рече Љутков.