Министерството за образование засега не планира да ангажира заменски наставници

Засега не е планирано да ангажираме заменски наставници кои би работеле наместо оние кои во моментов се во штрајк, изјави за „Мета“ министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Денеска синдикалците во образовниот сектор втор ден штрајкуваат барајќи поголеми плати, па во многу училишта низ државата не се одржува настава.

„Нема да ангажираме заменски наставници по училиштата, иако законот тоа го предвидува во услови на штрајк. Си останува засега ситуацијата како што е. Денеска ги обработуваме податоците за тоа, колку наставници во државата се во штрајк, а колку не се. За тоа дали ќе има изостаноци за децата што не одат во школо овие денови и дали ќе се одработува изгубената настава после 10 јуни, ќе видиме. Треба за тоа да се договориме со Бирото за развој на образованието“, рече Шаќири за Мета.мк.

Согласно членот 50 од Законот за основно образование, во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот.

Во СОНК денеска соопштија дека на вториот ден од генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средните училишта, нема посериозни проблеми и притисоци. Оттаму очекуваат дека денеска ќе бидат повикани на преговори во надлежните институции.

„СОНК се надева дека ресорните министерства или Владата ќе излезат со конкретен и прифатлив предлог за зголемување на платите во гореспоменатите дејности односно со предлог кој ќе биде прифатлив од мнозинството на членови на СОНК“, велат оттаму.

Синдикалците бараат да се усогласат платите во образованието по колективен договор, со минималната плата на национално ниво. Поточно, тие бараат да не се зголемат само минималните плати туку и платите на останатите вработени во образованието.

Минималната плата во државата е 18.000 денари. Оваа бројка се множи со коефициентот за сложеност на работно место, кој за позицијата наставник во основно образование изнесува 2,503. Излегува дека платата на наставник треба да изнесува 45.054 денари. За професор во средно образование, овој коефициент е 2,533, што значи дека платата на професор во средно треба да биде 45.594 денари.

Од Владата, пак, велат дека со конструктивен дијалог со синдикатите, платите на вработените во образованието и во детската заштита се зголемени за 21 отсто во периодот од 2017 до 2022 година.

„Со последните зголемувања, наставник/чка во основно образование сега зема плата од 24.786 денари, плус минат труд, што е зголемување за 3.267 денари плус минат труд, за разлика од 2016 година кога неговата плата изнесувала 21.521 денар. Кај наставниците во средно образование платата сега изнесува 25.642 денари и е зголемена за 4.353 денари плус минат труд”, стои во владиното соопштение.

Досега нема приближување на ставовите на владата и СОНК.

Мета