Министерството за правда (МП) соопшти дека постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата подготви мислење за предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кое го доставило до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот.
„Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство. Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките“, велат од МП.
Во Законот за Јавното обвинителство е наведено дека Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието, посочуваат од МП и додаваат дека Собранието пак, како највисок претставнички орган на граѓаните е уставно надлежен за именување и разрешување на Јавниот обвинител.
Претходно, Владата на седница го задолжи Министерството да презеде активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител.