Министерството за транспорт и „Гоу Грин“ заедно ќе работат на нови стандарди за велосипедската мрежа

Откако Радио МОФ пишуваше дека владее молк од Министерството за транспорт и врски во врска со Правилникот за велосипедска инфраструктура, 10 дена подоцна од ресорот на Александар Николовски стигнува информација дека е остварена средба со Здружението „Гоу Грин“ (Биди Зелен), иницијаторот на овој Правилник, за кој самиот министер вели дека ќе го зголеми квалитетот и квантитетот на велосипедските патеки, а следната година ќе предвидат и субвенции за купување нови велосипеди. 

Како што соопштува министерството, тема на средбата била иницијативата на граѓанското здружение во однос на креирање нови прописи со кои се уредува планирање и проектирање на велосипедска инфраструктура во населено место и надвор од него. На средбата бил потврден фактот од недостаток на инфраструктура за велосипеди како услов за безбеден сообраќај од една страна, но и како еден од главните фактори за намалување на аерозагадувањето.

„Вицепремиерот и министер за транспорт Николоски ја поздрави оваа иницијатива и истакна дека министерството е подготвено со заедничка соработка со граѓанските здруженија да се креираат нови нормативи и стандарди како во иднина квалитетно би се планирала и би се реализирала вело-инфраструктурата. Исто така, министерот Николоски ја истакна подготвеноста на Министерството во следната буџетска година да се предвидат и средства за субвенции за купување на нови велосипеди со цел да се намали користење автомобили и да се влијае врз намалување на аерозагадувањето како мерка за заштита на животната средина“, се вели во соопштението.

Фото: Министерство за транспорт и врски

Министерот испратил и апел до сите општини, во рамките на финансиската поддршка за општините од 250 милиони евра планирана за следната година, да аплицираат за проекти за изградба на велосипедски патеки со цел да се подигне квалитетот на вело-инфраструктурата на општинско ниво и да се поттикне користење велосипеди во урбаните средини.

„Во следниот период, стручните служби од министерството и претставници од граѓанското здружение ‘Гоу Грин’, заеднички ќе работат на креирање на нови прописи за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска мрежа“, соопштуваат од министерството.

Фото: Радио МОФ

Од „Гоу Грин“ потврдија дека официјално започнале соработка со министерството и Николовски. Освен за Правилникот чија првична верзија ја сработија тие со надворешни експерти, потенцираат дека ќе пружат помош на општините за вело-инфраструктурата, а ќе помогнат на министерството да го распише и првиот национален повик за субвенционирање велосипеди.

„Многу сме горди и возбудени за оваа соработка. Преку неа имаме шанса да делуваме на национално ниво и да направиме долгорочни промени кои ќе имаат ефект уште многу декади“, соопштија од „Гоу Грин“.

Инаку, Радио МОФ веќе на неколку пати пишуваше за потребата од Правилник и подобрување на велосипедската инфраструктура, по стандарди што нема да ја загрозуваат безбедноста на велосипедистите, но и нема да ги маргинализираат во сообраќајот. Оние што возат точак често наидуваат на тесни и високи вело-патеки, или патеки на кои има коли чии возачи „се враќаат за пет минути“, или пак на нив се наоѓаат контејнери, ѓубре, срчи, дупки, напречни ископи, бандери, знаци, израснато зеленило… Со тоа, тешко оди стимулирањето на возачите да ги остават колите дома, да ги сменат навиките и излезат од комфор-зоната, иако македониските градови се во голем процент загадени и од моторизираниот транспорт.

Еко-активистите бараат Правилник за велосипедска инфраструктура за да може да се вози точак безбедно и по стандарди

Оттука, во предложените документи од „Гоу Грин“ и соработниците, стои дека на една вело-патека треба да можат  да се разминат два велосипеди со приколка, како да се планира во зона на крстосница, автобуски стојалишта, коловозната конструкција и каков тип на материјали смеат да се користат на вело-површини.

Исто така, во нив се дефинирани и деталите за површини за паркирање, нивни димензии, каде се поставуваат и каква треба да биде урбаната опрема за паркирање. Последното поглавје е посветено за одржување на вело-површините, раскажа Кристина Ицковска, соработничка за транспортна инфраструктура при изготвување на правилниците.

Бојан Шашевски