„Лежалката на плажа лесно се заменува со болнички кревет. Да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19. Да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите родители, баби и дедовци. Затоа што нема ништо поважно од грижата за нашите најблиски. Носи заштитна маска, одржувај физичка дистанца, не се групирај и често миј ги рацете“, гласи еден од апелите објавен преку Министерството за здравство, но и од министерот Венко Филипче.
Оттаму ги замолуваат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита.
Во екот на летните одмори, но и пандемијата од коронавирусот, македонските граѓани слободно можат да патуваат во Албанија, Косово и Србија, а во Бугарија патувањето е можно само со негативен тест.
Со Илинденските празници и летните горештини, граѓаните бараат освежување на најпопуларната локална летна дестинација – Охрид. Додека оваа година е откажан Охридскиот маратон, на социјалните мрежи набрзо започнаа да се објавуваат фотографии и видеа од тамошната атмосфера по плажите, на кои се забележува дека воопшто не се почитуваат мерките за заштита.